Промовирано најновото издание на списанието „Лице в лице“

Од:

Излезе од печат најновото издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“ посветено на тема Потенцијалите на руралниот развој. Списанието беше промовирано во струшкото село Глобочица, а според организаторите, целта е да преку страниците на ова списание да се укаже на капацитетите што ги има нашата земја.

– Ја реоткриваме, се одушевуваме на својата земја и заклучуваме дека сме затрупале и сме направиле невидлива една огромна планина од можности и сме запустиле многубројни предели полни со потенцијал во кои реално и нема услови за живот зашто не ни биле приоритет, а не сме ја препознавале ниту потребата од нив. Низ овој број на „Лице в лице“, нашите соработници го отворат сезамот со ризницата можности скриени длабоко на планините, езерата, реките, селата, водопадите… Разговаравме одблиску со луѓето што живеат од фармерство и од рурален туризам, со луѓе што го оставиле „нормалното“ и влегле во нешто сосема друго, велат организаторите.

Јасминка Поповска, една од основачките на платформата појасни дека списанието нуди модел на туризам што ќе помогне на локалното население, притоа не уништувајќи го токму тоа поради кое некое мало место е автентично и вредно за посета.

За Тина Тодороска Петроска, активистка и дел од струшката организација ИНКА, Глобочица е место кое има многу што да ни каже, но, и место кое нѐ кани на тихување, на некажување.

– Шумата е тивка, езерото е тивко. Овде брзината не функционира. Единствено трпеливото успорување ќе ти ја раскаже приказната. Домаќините се тивки, ненаметливи, и тие раскажуваат преку тишината. Те оставаат да почувствуваш, да видиш сам… Само ќе ги видиш од време на време, дека беспрекорно се тука за тебе. Тој ден ти го посветуваат, се отвораат, ама со душата, како заедница, како комуна која е заедно во сѐ! Сум видела јас селска гозба, гостољубиви домаќинства, но, да те пречека цело село заедно како едно, е тоа не сум видела. Те носат во срцето на селото, како што го донеле селото, заедно, 40-тина луѓе, без чии клучеви е невозможно да бидеш „лицевлице“ со Глобочица, вели Тодороска Петроска.

Како што посочуваат организаторите, списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, освен во директна продажба, достапно е и онлајн преку веб продавничката, https://kupi.licevlice.mk/, каде може да се купи печатено и електронско издание, актуелен број или годишна претплата.

Овој број, во рамки на кампањата „Читај Лице в лице“, секоја среда со почеток во 18 часот, читателите ќе може да го најдат и на „Бродот на среќата“ во центарот на Скопје, каде ќе имаат можност да се дружат со продавач на „Лице в лице“.

Би можело да ве интересира

Ракометари и продавачи на „Лице в лице“ заедно ја одбележуваат Меѓународната недела на продавачи на уличен печат

Ана Ололовска

Промоција на видео „Да се обидеме и вака“ посветено на образовниот процес

Ана Ололовска

Онлајн настан „Лице в лице со новата Земја – соочување“: Каква иднина ќе имаме зависи од нас

Ана Ололовска

Промоција на 40. број на „Лице в лице“

Ана Ололовска

Пендаровски се сретна со продавачи на уличното списание „Лице в лице“

Пратениците Морачанин и Ибраимоски работеа заедно со продавачите на „Лице в лице“

Ана Ололовска