Ракометари и продавачи на „Лице в лице“ заедно ја одбележуваат Меѓународната недела на продавачи на уличен печат

Од:

Ракометарите од Македонската ракометна супер лига членови на „Вардар“, „Металург“, „Пролет“ и „Прилеп“ неделава ќе им бидат главна поддршка на продавачите на единственото улично списание во земјава „Лице в лице“, во рамките на одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат што трае од 1 до 7 февруари.

Станува збор за Глобален годишен настан чија цел е славење на работата на продавачите на уличен печат и поттикнување на јавноста да размислува за предизвиците и проблемите со кои што тие се соочуваат, како бездомништво, социјална исклученост, сиромаштија.

Ракометарите Мартин Серафимов, Момир Рниќ и Златко Хорват од ракометниот клуб (РК) „Металург“, Хари Павлов, Христи Бикоски, Хазеин Рустамов од РК „Прилеп“, Дејан Пецаковски и Михаил Аларов од РК „Пролет“ и Кристијан Дисингер од РК „Вардар“ заедно, тимски, и во спортски дух, под слоганот „Биди фит – вежбај го умот“, низ секојдневни средби со граѓаните, ќе ѝ се обратат на јавноста во Скопје, Струга и Прилеп, со цел да укажат на вредностите кои се неопходни за успех во нивната работа: јасна цел, упорност, постојана работа на себе, но, и поддршка од публиката, од трибините или од читателите.

Целонеделниот настан за славење на работата на продавачите на уличен печат предвидува бројни средби со граѓаните, кои ќе имаат можност да се дружат со продавачите, да се сретнат со содржините на актуелното издание на „Лице в лице“, но, и да се фотографираат со познатите ракометари, од кои, пристигнува главната поддршка.

На спортистите ќе им се приклучат и други јавни личности и инфуленсери од земјава, а сите новости врзани за нивното учество, и воопшто за Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, ќе бидат споделувани и на социјалните мрежи на „Лице в лице“ на: Инстаграм (@licevlice) и на ФБ страната.

Меѓународната недела на продавачи на уличен печат нема официјален глобален предзнак, туку се одбележува по иницијатива на уличните списанија, членки на Меѓународната мрежа со седиште во Глазгов. Нашата земја, овој настан, кој ја слави работата на продавачите, ќе го одбележи по 9-ти пат, при тоа, почитувајќи ги сите протоколи на заштита.

„Лице в лице“ е улично списание кое излегува од септември 2012 година и го промовира моделот на социјално претприемаштво. Продавачи се ранливи сограѓани, кои се обучуваат за продажба од страна на тим на платформата „Лице в лице“. Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е директна заработка за продавачот (доколку го купите списанието директно од продавач или преку негов код), или се вложува во фондот за социјално менторство – поддршка на продавачите за градење вештини и за нивно вклучување на отворен пазар на труд. Останатата половина се вложува во создавање нови содржини, развој и надградба на дигиталната платформа и за печатење на печатеното издание.

Во земјава се регистрирани 35 улични продавачи на „Лице в лице“ во Скопје, Битола, Струга, Неготино, Тетово и во Куманово.

Би можело да ве интересира

Промоција на видео „Да се обидеме и вака“ посветено на образовниот процес

Ана Ололовска

Промовирано најновото издание на списанието „Лице в лице“

Ана Ололовска

Онлајн настан „Лице в лице со новата Земја – соочување“: Каква иднина ќе имаме зависи од нас

Ана Ололовска

Промоција на 40. број на „Лице в лице“

Ана Ололовска

Пендаровски се сретна со продавачи на уличното списание „Лице в лице“

Пратениците Морачанин и Ибраимоски работеа заедно со продавачите на „Лице в лице“

Ана Ололовска