Промоција на романот „Мина“ од Игор Анѓелков

Од:

Романот „Мина“ на Игор Анѓелков ќе биде промовиран вечер со почеток од 19 часот во кафе-книжарницата „Буква“, соопшти издавачката куќа „Или-или“.

– Промотори ќе бидат Ана Мартиноска и Максим Ристески, кои низ разговор со авторот ќе се обидат да дојдат до суштината на ова дело, кое беше објавено во мај, како 222 издание во едицијата „Проаза“ на издавачката куќа „Или-или“. Ова е шеста прозна книга на писателот, а негов четврти роман. Промоцијата е воведен настан на фестивалот „Артареа“, кој за време на викендот нуди и други возбудливи книжевни доживувања, најавуваат организаторите.

Анѓелков, како што стои во најавата, се обидел да напише роман што ќе биде „голем како и самиот живот“.

– За таа цел, се повикав на сеќавањата кои се најповикуваното и најпосакуваното задоволство за писателите. Тие ми помогнаа да антиципирам еден книжевен став за некои минати времиња, што ги детерминираат овие во кои живуркаме денес и овде. Како централен лик земав жена-борец, која всушност е комплетен аутсајдер, но, јас верувам во моќта на „малиот“ човек, бидејќи не секогаш низ книжевноста и уметноста мора да се третираат приказните на значајните историски фигури, или личности од нивната блиска околина, за да се пренесе одредена книжевна „вистина“. Паралелно со ова, во книгата се одвиваат и размислувањата за тоа што значи да се биде писател денес и овде, во овој контекст во кој живееме, а самата книжевност е прекрасна платформа за тоа, бидејќи таа остана последниот бастион, каде слободно може да се трага по вистинската вистина, наведува во пишана изјава на Анѓелков.

Според Мартиноска, „покрај мотивските автобиографски поклопувања од една и автопоетичките промислувања од друга страна, она што останува како константа е дека во „Мина“, Игор Анѓелков повторно го потврдува она што во една прилика го означивме како непретенциозен стил кој „едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска““.

– Со здрава доза на фантазија свртувајќи се кон минатото, ама со акцент на она што ја детерминира сегашноста, препознавајќи ја својата сила во едноставноста на раскажувањето, Анѓелков одново нè заробува во имагинативна и емотивна, тематски комплексна и слоевита нарација, се истакнува во нејзината пишана изјава.

Според Ристески, романот „е граден на слоеви од портрети, конкретни/лични и апстрактно-општи – во смисла на заеднички, органски, но неслиено поврзани: на Мина – баба на авторот, чиј еманципаторски потенцијал се потрошил во еден мал круг на луѓе само поради околностите, на идеалниот писател, односно на суштествените паралелизми што ги поврзуваат сите книжевни автори, на времињата што авторот ги живеел или ги знае поинаку…“

– Процесот низ кој настанува овој роман е нов роман, пишува Игор, кој иако прави „експеримент – не поради самиот експеримент“, прецизно цели според препораката на Е. А. По, дека при структурирањето на едно книжевно дело треба да се тргне од крајот, односно од расплетот, се додава во неговата пишана изјава.

Игор Анѓелков, роден во 1974 година, дипломирал на интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Би можело да ве интересира

Промоција на книга од папата Франциск на македонски јазик

Во Вевчани ќе биде промовинарана најновата поетска збирка на Димче Шипинкароски

„Македонска историска читанка“ – нова книга на публицистот Иван Глигоровски

А1он

Промовирани две книги од Славе Катин во Торонто

А1он

Промоција на „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска

Објавена книгата „Раѓањето на мултипартизмот“ од Ѓорѓи Спасов

Жарко Настоски