Најновиот роман на еден од најпознатите унгарски современи писатели Атила Бартиш насловен „Крајот“ денеска ќе биде промовиран во Скопје.
Романот, чиј македонски превод е во издание на ИЛИ-ИЛИ, е приказна во којашто се испреплетени политиката, историјата, љубовта, стравот, амбициите, успесите и падовите на поединецот, но и на целото општество, процеси што во државите од овој дел на Европа одат рака под рака. Токму фокусот на границите на човековите потенцијали диктирани од авторитарните режими е застапен низ целата приказна во којашто ќе се пронајде секој роден на овие простори во периодот од Втората светска војна, па до денеска.
Промоцијата е во рамки на програмата – Креативна Европа.
Преводот од унгарски е на Златко Панзов, јазичната редакција на Анамарија Цинеге – Панзов, а промотор на романот е Катарина Синадиновска.
Атила Бартиш, еден од најинтригантните унгарски писатели на денешницата, е роден во 1968 година во Романија во семејство на унгарското малцинство. Неговиот татко, новинар, е во немилост на режимот на Чаушеску па семејството се сели во Будимпешта. Атила Бартиш таму работи како успешен фотограф, но 1995 година со романот „Прошетка“ го најавува својот исклучителен книжевен талент, а критиката го споредува со Кафка и Ками. За романот „Спокој“, објавен 2001 година ги добил наградите Тибор Дери и Шандор Мараи. Според романот, Роберт Алфелди во 2008 година го снимил истоимениот филм. Останати негови дела: „Синкава магла“ (збирка раскази, 1998), „Апокрифите на Лазар“ (есеи, 2005), „Тишината, така“ (фотодневник, 2010), „За она за што може“ (со Иштван Кемењ, разговори за книжевност и фотографија, 2010), „Четиринаесет новели“ (2010), „Крајот“ (роман, 2015), „Опишување на светот“ (фотографии, Иштван Кемењ, текст, 2016) Неговите дела се преведени на повеќе јазици.