Во Македонската опера и балет денеска ќе биде промовирана книгата „Одгласи од концертните сали“ од Костадин Костадиновски, во издание на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.
Таа содржи над 160 осврти, критики и рецензии. Преку понудените текстови и познавањата на музичките жанрови од фолклорот до џез и класичната музика, Костадиновски претставува тридецениска музиколошка историја во Македонија, Европа и светот.
Во книгата има текстови за Симон Трпчески, Весна Гиновска-Илкова, Ана Дурловски, Михајло Куфојанакис, Тодор Светиев, Милица Шперовиќ-Рибарски, Кирил Рибарски, Љубомир Бранѓолица, Влатко Стефановски, Тоше Проески, Пеце Атанасовски, Никола Бадев, текстови посветени на светските ѕвезди како Хозе Карерас, Барбара Хендрикс, Зубин Мехта, Арнолд Кац, Александар Штаркман, како и на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето„, „Интерфест“…, репертоарот и достигањата на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија.
На промоцијата ќе настапат и Весна Гиновска-Илкова, Кирил Рибарски, Милица Шперовиќ-Рибарски, Михаило Куфојанакис, Тодор Светиев и дуетот Живе Кремшовски – Николина Јаневска.