„Приказните од Широк Сокак“ е најновиот документарен филм на новинарката Анета Шијакова, кој премиерно ќе биде прикажан вечер во културниот центар „Магаза“ во Битола, во рамките на фестивалот „БитФест“.
– Документарниот филм е производ посветен на уникатниот битолски амбиент и историските приказни карактеристични само за градот под Пелистер. Во филмот се обидов да дадам одговор на повеќе отворени прашања, како на пример зошто токму во Битола има толку многу конзулати, зошто токму во Битола има толку многу цркви, како пред 90 години се играл шах со живи фигури односно живи луѓе, како и за тоа колку е старо името на Битола, посочи авторката Шијакова во пресрет на вечерашната премиера.
На вечерашната проекција на документарниот филм „Приказните од Широк Сокак“ ќе бидат пренесении други новинарски видувања искажани преку објективот на филмската камера, приказни и податоци историски поврзани со овој град, како и други содржини кои сведочат за силната традиција и култура која, како што вели аторката, Битола ја прават европски град.
Подготовката на документарниот филм е поддржана од градоначалникот на општина Битола Владимир Талески и е во рамките на битолско културно лето „БитФест”.