Проглас на 56 писатели за поништување на Годишната програма за 2017-та

Од:

Годишната програма за остварување проекти од национален интерес во делот на издавачката дејност за 2017-та е конкретен доказ дека уривањето на писателското достоинство и деградирањето на книжевните вредности од страна на државата ја доживеа својата највисока точка, сметаат 56 автори кои се потпишани во допис до медиумите кој го нарекоа Проглас за заштита на достоинството на македoнскиот писател и на македонската книжевност.

Тие бараат поништување на Годишната програма за 2017 година зашто сметаат дека одобрените проектите не се оценети според нивната книжевна вредност, туку според политички, па и бизнис-критериуми.

Поради таквите критериуми, наведуваат потписниците на прогласот, во програмата нема ниту едно дело на авторите, првенствено прозаисти, кои се потврдиле како носечки имиња на новите вредности на македонската проза, ни ракописи од некои од најпотврдените македонски авторски пера, со исклучок на неколкумина.

– Додека нема средства за овие автори, има за преводна популарна книжевност, која иако може да функционира финансиски независно и нема потреба да се финансира од државата, од година во година влегува на сè поголема врата во програмата, со што најверојатно сме единствен пример на држава во светот што отворено, транспарентно, со буџетски средства финансира и поддржува тривијалност во книжевноста и отворено, јавно го поттикнува тоа како некаков образец за книжевна вредност, пишува во прогласот.

Незадоволни се и од тоа што се поддржуваат проекти од областа на преводната литература од издавачи кои, како што посочуваат, се потврдиле со најнеквалитетните книжевни преводи во изминативе две децении; средствата се централизираат кај исти издавачи секоја година, а се маргинализираат други, се маргинализираат периодичните публикации за книжевност, така што за некои не е одобрен ниту еден број иако постојат повеќе децении, македонските автори по бројност речиси се изедначени со оние од преводната литература.

– Оваа програма е класичен пример како државата и политиката можат некомпетентно, безобразно и тенденциозно да се обидуваат да си поигруваат и со книжевната стварност. Но, овојпат, само да се обидуваат. Со оглед на тоа дека не можеме да дозволиме овој обид за обезличување и посрамотување на книжевната стварност од страна на мал број некомпетентни лица да успее, јавно бараме поништување на објавената Годишна програма за 2017 година, стои во прогласот.

Потписниците, меѓу другото, бараат и утврдување јавно достапни, општоприфатени критериуми за одредување членови на комисијата што ги вреднува ракописите и издавачките проекти, промена на севкупниот концепт на утврдување на програмата, задолжително писмено образложение на секоја оцена на комисијата, задолжително намалување на вкупниот број издавачки проекти со кои може да конкурира еден издавач на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес, донесување единствени, општоприфатени критериуми за сите конкурси на државата што ги засегаат издавачките, односно книжевните проекти; целосна департизација на државните одлуки во областа на издаваштвото; подготовка на нова годишна програма по исполнувањето на барањата.

– Свесни сме дека голема е веројатноста нашата реакција на овогодинешната програма за остварување проекти од национален интерес во делот на издавачката дејност да биде предмет на манипулација, и затоа децидно се оградуваме од секаква политичка партија или „платформа“. Во Министерство конкурираме со книжевни дела, а не со политички памфлети, и сметаме дека единствено треба да се вреднува книжевниот квалитет на делото – оттаму, секое партиско етикетирање од страна на Министерството ќе биде проѕирен обид да се дискредитира нашата искрена намера за зачувување на достоинството на македонскиот писател, истакнуваат 56-те писатели потписници на прогласот.

Би можело да ве интересира

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје