На ревијата на македонски филм „Златна рамка“ денеска ќе се одржи презентација на “МЕДИА Деск МК” на тема „Како се евалуираат проектите на МЕДИА?“, а утре и трибина насловена „Жената во македонскиот филм“.
Покрај идеите за филмски проекти, важно прашање е и нивното финансирање. Потпрограмата “МЕДИА” од програмата на ЕУ „Креативна Европа“ дава голема поддршка, а актуелен е повикот „Развој на проект“.
На презентацијата во МКЦ од 11:30 часот, која е отворена за јавноста, предвидена е и средба со Маша Марковиќ – експерт за евалуација на проектите аплицирани на повикот за „Развој на проект“ на програмата Креативна Европа “МЕДИА”.
“Целта на оваа презентација е македонските филмски професионалци да се запознаат со процесот на евалуација и начинот на оценување за овој повик за кој има најголем интерес во Македонија”, соопшти организаторот.
Како дел од програмата на „Златна рамка 2020“, утре од 11:30 часот во кино „Фросина“ ќе се одржи трибина „Жената во македонскиот филм“ на која ќе се дискутира за улогата и статусот на жените вклучени во сите сегменти на реализација на еден филм.
Од трибината се очекуваат одговори на повеќе прашања, меѓу кои: колкава е застапеноста на жените во домашната кинематографија, какви биле женските актерски улоги во минатото, а какви се денес, колку авторите во сценаријата ги потенцираат сите идентитети на еден женски карактер, дали во филмската индустрија жените продуценти заземаат доволно место, колку се почитува пожртвуваноста на актерките во нивната професија…
Најавено е учество на актерките Наталија Теодосиева и Кристина Леловац, актерот Перо Арсовски, костимографката Емилија И. Атанасовска и режисерот Даријан Пејовски.