Кинематограферите од светот кои годинава учествуваат во натпреварувачкиот дел од ИФФК „Браќа Манаки“, ги оценува и ќе ги награди меѓународно жири кое го предводи Олимпија Митилинеу, кинематографер од Грција.
На денешната прес-конференција во Битола, Митилинеу, но и членовите на жирито Рајнер Клаусман од Швајцарија, Ребека Фајад Палуд од Франција и Ѓорче Ставрески од Македонија, посочија дека им претстојат прекрасни денови организирани во слава на камерата и кинематограферите.
– Чест е да се биде претседател на стручното жири на еден ваков фестивал на кинематограферите, бидејќи и самата сум кинематографер и тоа е многу важно. Забележав дека има прекрасни филмови, кусо истакна Митилинеу на прес – конференција во Битола.
Во конкуренција за награди се 12 филмови, најголем дел од Европа, два филмови се од Азија, и по еден филм од Кина, Јужна Кореја и САД.
– Имаме филмови од разни кинематограферски генерации, од помали и поголеми филмски продукции и традиции. Откриваме и нови имиња кои со нашиот фестивал ќе ја постигнат својата посакувана интернационална афирмација, станувајќи и наши лауреати, рече меѓудругото Благоја Куновски-Доре, уметнички директор и селектор на 39. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.