Во саботата во Народниот Театар Битола се изведе премиерата на претставата „Приказна за Окото“, текст на Жорж Батај, во режија на Мартин Кочовски.
„Приказна за Окото“ е самостоен проект на Кочовски поддржан од Министерството за Култура на РМ и во соработка со Народен Театар Битола.
Новелата „Приказна за Окото“ е едно од најмаркантните и најважните дела на Жорж Батај и воопшто во историјата на човештвото. Овој писател, есеист, филозоф, социолог, антрополог и пред се’, надреалист, продира во деликатни но суштински сфери на човековата природа. Тој започнува со надреализмот за потоа да продре во мистицизмот и затоа секое негова книга претставува еден специфичен потфат, еден необичен пат низ горливите делови на човекот а сепак големи вистини кои не смееме да ги избегнеме. Па така и оваа книга е трансгресија (во смисла на трансгресивна фикција) на ликовите, на луѓето внатре кои преку нивните дејствија, со нивните ставови и начин на прифаќање на животот, премостуваат застарени, гнили, конзервативни сфаќања како и многу норми, стереотипи и предрасуди. Значи оваа приказна претставува едно големо, епохално разбивање на претходно прифатени рамки на нарација и поимање на човековата природа и сензуалност.
После неколкумесечниот процес на работа, екипата составена од Кочовски, режисер, Филип Јовановски, сценографија/дизајн, и актерите Захарија Ангелеска, Здравко Стојмиров, Анастазиа Христовска, Андон Јованоски и Аница Бебиќ во една изведувачко- визуелна форма ни го претставија контроверзниот и често забрануван текст на Батај.
Интимната атмосфера создадена од просторниот концепт на претставата, каде во гледалиштето се развива дејствието , преку интимните сцени, ја вовлекува публиката во приказната за историјата и природата на интимноста, сексуалноста, насилството, љубовта на двајца луѓе .
Сепак во она што ќе треба природно да се продре се овие дилеми: Постои ли љубов како што поетично претендираме да ја опишеме или многу нешта се’ сведуваат на привлечност? Дали е тоа само физичка привлечност или има многу, многу повеќе од тоа? Како еден цел однос меѓу двајца се гради на таа поврзаност, во кои непознати сфери и длабочини на човековиот мозок, тело и дух? Како слепиот човек ја доживува таа привлечност, поврзаност, сензуалност, страст? Притоа се поставува линк со консумеризмот како начин на восприемање на животот и се’ што тој нуди поточно се реферира на „Проколнатиот дел“, книгата од Жорж Батај што многу длабоко и точно го дефинира консумеризмот. Тоа луксузно ексцесивно трошење, натрупување на материјални нешта, без никаква уметничка придобивка или човечка полза што често се истура во брутални и катастрофални војни..
Ова е прва поставка на текстот „Приказна за Окото“ на Жорж Батај во Македонија.
Следните изведби на претставата „Приказна за Окото“ се планираат да се играат во наредната театарска сезона, на различни сцени низ државата но и регионалните театарски фестивали.