Во рамки на дигиталниот фестивал „Democracy 2.0“ кој почнува денеска, првпат на исто место ќе бидат прикажани сите четири делови на претставата „Орестија 1/4“, придружени со разговори и презентации на членови од креативните тимови од Скопје, Минхен, Лондон и Грац.
-Тоа што требаше да значи конечно спојување на сите делови на претставата во едно големо патувачко друштво, ќе го гледаме адаптирано и сместено во виртуелниот простор на дигиталниот фестивал „Democracy 2.0“, организиран од партнерите „Pathos“ од Минхен, соопшти Младинскиот културен центар.
Новата македонска дигитална верзија на „Орестија 1/4“ е на програмата на фестивалот „Democracy 2.0“ утревечер во 20 часот, а на фејсбук-страницата се достапни повеќе информации за редоследот на адаптираните дигитални претстави, презентациите и разговорите.
„Орестија 1/4“ премиерно беше изведена минатата година. Таа е дел од The Chorus Project – проект поддржан од програмата на ЕУ „Креативна Европа“. во копродукција на МКЦ Скопје, Апстарт театар (Upstart Theater) од Лондон, Патос (Pathos) од Минхен и Театар Ам Ленд (Theater am Land) од Грац.