„Не се срамам од моето комунистичко минато“ е насловот на последната претстава од програмата на годинашниот, 42-ри фестивал Млад отворен театар. Се работи за српско-холандска копродукција во режија на Сања Митровиќ која и игра во претставата заедно со актерот Владимир Алексиќ.
Митровиќ и Алексиќ се осврнуваат на неодамнешната историја на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, земја која денес постои само во имагинацијата и сеќавањата.
– А сепак, основната идеја на СФРЈ, како мултиетничка, мултирелигиска социјалистичка држава, е сè уште актуелна битка на европските земји денес. Или, барем, тоа е уверувањето што ги споило овие двајца артисти и пријатели од детството, кои емигрирале во 2001 година. Додека Сања сѐ уште живее и работи во Западна Европа, Владимир се вратил во Србија, за одново да го гради својот живот таму, соопшти МОТ во најавата за едночасовната претстава која ќе биде изведена во Младинскиот културен центар од 20 часот.
Од 21.30 во МКЦ, во рамки на придружната програма, концерт ќе одржи бендот од Виена „Elektro Guzzi“.
На годинашниот Млад отворен театар, од 28 септември до 4 октомври, беа изведени 18 претстави, од кои гостински беа од Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија, Полска, Иран, Холандија и Шпанија.