Со претставата „Меѓусвет“, вечерва, со почеток во 21 часот, во рамките на годинешното издание на Танц Фест Скопје, ќе биде одбележан 10-годишниот јубилеј на Скопје танцов театар, со кој и официјално започна со работа првата современа танцова компанија кај нас.
Кореографијата и режијата се на Рисима Рисимкин, музиката е на Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, а дизајнот на сцена на Матеа Мијановиќ.
Како што информираат од Танц Фест Скопје, живописната приказна која „Меѓусвет“ ја раскажува е инспирирана од вонвременската поезија на Блаже Конески и песната „Убавите жени“, а во фокусот ја става жената, нејзината улога во општеството и пренесува порака за битисувањето во патријархатот.
Моќната порака на сцена ќе ја пренесат танчерите Адријана Данчевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, Исидора Краљевска и Ивана Балабанова.
Веднаш потоа, во 22 часот, публиката ќе има прилика да ужива во премиерата на „Ѓаволска дупка“ во кореографија на Дејан Битровски и музика на Виктор Филиповски и Тони Китановски, а во изведба на Анастасија Данчевска, Адријана Данчевска, Бобан Русески и Исидора Краљевска.
„Ѓаволска дупка“ е ментално загризување, кое допира и душевно и емотивно. Зад дизајнот на постерот за претставата се потпишува Елена Узуновски.
За крај на вечерта, во 22 и 30, ќе биде претставен танцовиот филм на кореографката Адријана Данчевска, „Дома“, кој премиерно беше претставен на минатогодишното издание на фестивалот. „Последен пресек, консензусна реалност“ – „Дома“ е на музика на Волфганг Амадеус Моцарт, Виктор Филиповски, Fierce и Бојан Филиповски, камера на Марко Марјановиќ и Тео Ангеловски и пост продукција на Адријана Данчевска, Тео Ангеловски и Ивана Мојсовска.
Во своето 10-годишно постоење, Скопје танцовиот театар успеа да оформи извонреден танчерски кадар, во соработка со Скопје танцовата академија, а од 2017 година во соработка и со Универзитетот Гоце Делчев, каде што се префрли оваа програма за едукација на современи танчери и каде на високо професионално ниво обучува нови кадри во моментов.
Компанијата во континуитет, во изминатите 10 години активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц.
Скопје танцовиот театар има остварено повеќе целовечерни продукции зад себе, како: „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“; „Идентитети“; „Дома“, „Луцидниот Јос“, „Меѓусвет“; „Орландо“; „Човек во ходникот“;„ХОТ“; „Потрага“, серијата претстави под име „ИМПУЛС“, потоа „О!(тело), „СМС (сите мои слики), „Блесок“; „Патот“, „Кожа“, „Нулта точка“, „Д.О.Л.“, „Егзистирање“, како и повеќе кратки кореографии. Во неговиот репертоар, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на кореографите Џенис Бренар и Шон Скантелбјури од Њујорк, САД, Џоан ван Дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент од Холандија, Катцура Кан од Јапонија, Антон Рудаков од Германија, Антонело Тудиско од Италија, Јотам Пелед од Израел, Шимон Кубан од Република Чешка и други.
Во 2021 година Скопје танцовиот театар, како круна на своето десетгодишно постоење, има покана да гостува во Националниот театар Шајо во Париз, Франција, еден од најдобрите и најпрестижните светски театри за современ танц, стои во соопштението.