Претставата „Figurae veneris historiae“ во изведба на Драма театарот од Љубљана за затворање на „Охридско лето“

Од:

Годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде затворено со театарската претстава „Figurae veneris historiae“ на Горан Стефановски, во режија на Александар Поповски, продукција на Словенечкиот национален драма театар од Љубљана.

Авторот на „Figurae veneris historiae“ Горан Стефановски за неговото дело вели дека сложениот наслов на драмата наслов крие многу проста порака, дека има нешто порнографско во историјата особено кога ќе дојде до големи колежи, со светските војни како круна на политичката порнографија.

– Историјата не врти, гнечи на многу начини… Темите за теророт на историјата, за баналноста на злото, секојдневието што не притиска и не фаќа во стапицата на голо преживување, емоционална уцена, им ги соблекува гаќите на луѓето и многу често го свеува нашиот однос на вулгарни препукувања и на јазик на пцости…Во таквиот пеколен казан сите копнееме по човечки збор, по нежни допири, по поезија, истакна меѓу другото Стефановски.

Александар Поповски кој важи за еден од најоригиналните македонски режисери со креативен и забавен, но истовремено и многу сериозен пристап кон театарот, истакна дека утревечер фестивалската публика ќе може да гледа настап на еден од најдобрите ансамбли што постои на Балканот, прекрасен ансамбл што со неверојатна дисциплина, кондиција, смелост влегува во најразлични проекти.

– Преку извртената приказна за војната, за човечкото, за природата во човекот во услови на константна војна, претставата зборува за недопирливото, за емитовните делчинња, суштината на човештината што останува во нас во такви воени виори…, рече Поповски на денешната прес-конференција.

Драматургот на претставата, Дарија Домингош, рече дека текстот дозволува на сите актери подеднакво да имаат учество во претставата, оти нема мали и големи во поставката, дозволувајќи секоја фигура да следи своја некаква развојна линија низ претставата.

– Посебноста на претставата прозлегува од оригиналноста во пристапот кон темата – третирањето на историјата на војната, но не како некаква приказна од линијата на фронтот, туку историјата на човечките страдања, некаков интимен пристап кон темата, која е актуелна во секојдневието, сето испробано низ драмската поставка, истакна Домингош.

Актерката Саша Павчек која толкува улога на земјоделка во драмата, рече дека ликот низ текстот, низ претставата го гради преку куси, лапидарни реченици, без некакви емоции и оти само низ бројки ги прикажува солзите што ги исплакала во времето додека нејзиниот сопруг е на боиштето.

– Обемните текстови доволуваат и помали грешки во почетокот, сето може да се корегира низ претставата. Тука тоа го нема, во оваа претстава има малку текст, куси сцени и мора од прво да се погоди во суштината на ликот, истакна таа.

Претставата „Figurae veneris historiae“ ќе се игра утревечер на сцената на Долни Сарај, со почеток од 21 часот. Претходно вечерва во рамки на „Охридско лето“ во Куќата на Уранија ќе биде промовирана и најновата книга на Горан Стефановски, четвртата збирка со негови драми.

Би можело да ве интересира

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ