Претстава за Универзалната сала го отвора 45. МОТ, 12 театри на фестивалската програма

Од:

Со премиера на претставата „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ – копродукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат, вечер од 19 часот ќе почне 45. Млад отворен театар, кој поради пандемијата годинава ќе биде хибридно издание – онлајн-претстави и изведби во живо на сцената на Младинскиот културен центар и Универзалната сала.

Претставата со која МОТ ќе биде отворен вечер во Универзалната сала е приказна за затворениот објект на познатата сала, еден од симболите на Скопје, која официјално не функционира веќе пет години. Претставата ќе има уште четири изведби во наредните четири дена, исто така со почеток во 19 часот.

Според авторите Кристина Леловац и Филип Јовановски (кои се дел од тимот што победи на Прашкото квадринале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година), се работи за перформанс-есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле…

– Додека општеството дебатира дали еден објект во центарот на градот треба да се урива или не, ние на тоа одговараме со уметност. Немаме историска дистанца од општествениот проблем, што е особен предизвик, туку сме еден спроти друг со него и си го поставуваме прашањето која е улогата на уметноста сега во општеството и кое е тоа општество кое нé доведе до овде, велат Леловац и Јовановски.

Млад отворен театар ќе трае до 3 декември и, покрај оваа, ќе има уште две премиери – перформансот „Скрисејвер“ (Screensaver), кој на 26 ноември од 19.30 часот ќе биде прикажан онлајн, развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата. Втората премиера е „Херои 4:33“ во режија на Деан Дамјановски на театарот „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес, која на 28 и на 29 ноември од 18 часот ќе биде изведена во Младинскиот културен центар.

На програмата годинава се претстави на 12 театри од нашата земја и од Словенија, Србија, Грција и Хрватска. Од претставите од странство во живо ќе гостува „Ателје 212“ од Србија со претставата „Лоунли планет“ во Младинскиот културен центар, на затворањето на МОТ (3 декември) со две изведби – од 18 и од 20 часот.

На фестивалската програма се и претставите: „Траги од Антигона“ на ОДЦ Ансамбл од Грција (онлајн на 25 ноември од 20 часот); „Полковникот птица“ на НУ Гостиварски театар (онлајн на 27 ноември од 18 часот); „Ајхман во Ерусалим“ на Загребачко казалиште младих од Хрватска (онлајн на 27 ноември од 20 часот); „Три сестри и Наташа П“ на Арт медија (онлајн на 29 ноември од 19.30 часот); „Илузии“ на Wonderland Theatre (онлајн на 29 ноември од 21 часот); „Иднината е приватна“ на „Пресврт“ (онлајн на 30 ноември од 19 часот); „Спроти нештата“ на Словенско младинско гледалишче од Словенија (онлајн на 1 декември од 21 часот); „Кожурец“ на театарот „Артопија“ (онлајн на 2 декември од 19.30 часот).

МКЦ соопшти дека со годинашниот МОТ, кој се организира со поддршка од Град Скопје, се обидува да не го прекине континуитетот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивали во регионот, а мотото е „Ќе има утре!“. Ова издание е хибридно – онлајн и со изведби во МКЦ и Универзалната сала, како и линк со видеоизјави и тизери.

Поради ситуацијата со КОВИД-19, МКЦ соопшти дека тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите. Цената на билетите за претставите во живо e 300 денари. Онлајн-претставите се бесплатни, но неопходен е билет бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни на: bileti.mkc.mk.

Би можело да ве интересира

Вечерва „Хинкеман“ на независниот театар Златен Елец го отвара 49. МОТ

А1он

Заврши 46-то издание на Млад отворен театар

Ана Ололовска

Три претстави денеска на МОТ

Претставата „Модиљани“ вечер во МКЦ

Ана Ололовска

„Дневна доза мазохизам“ вечер во МКЦ

Ана Ололовска

МКЦ ги откажува сите настани и претстави од МОТ до петок

А1он