Премиера на обновената опера „Кармен“

Од:

Операта в петок (8 ноември) премиерно ќе ја изведе претставата „Кармен“ што ќе биде нова, седма обнова на популарната опера на Жорж Бизе на нашата сцена, 17 години по претходната. Како и за премиерната обнова во 2002 година, во насловната улога и овојпат ќе настапи првенката на Операта – Ирена Кавкалеска. Режисер на претставата е Нина Најденова од Бугарија, кореограф Олга Панго, а диригент е Енрико Довико од Италија.

Мецосопранот Кавкалеска на прес-конференција рече дека „Кармен“ ја пеела многупати, со диригенти и солисти од разни делови од светот, во разновидни изведби, за разни поводи и ситуации, со различни емоции и расположенија… Очекува дека и сега имаат добра претстава што ќе ја привлече публиката која, рече, секогаш сака да ја гледа оваа опера. Последен пат во „Кармен“ од 2002 година, Кавкалеска настапи пред пет години.

– Три недели работевме од утро до вечер. Како да брусевме дијамант, се трудеве да бидеме најдобри што можеме. Баравме нешто поинакво и подобро, што ќе биде интересно за нашата публика. Ми прави големо задоволство да ја изведувам оваа опера, секогаш го правам тоа со истиот ентузијазам. По толку години со „Кармен“, не мислам како технички ќе ја исполнам, туку како ќе уживам во изведбата, рече Кавкалеска, која на сцената на НОБ дебитираше пред 24 години.

За разлика од претходната верзија од пред 17 години која беше доста скратена и во траење од два часа, новата обнова ќе биде подолга. -Ќе биде верзијата на „Кармен“ што регуларно треба да се изведе, со сите речитативи во неа и комплетниот дел од раскажувањето на приказната, рече Бисера Чадловска, директорка на Операта.

Режисерката Најденова четврти пат соработува со НОБ (претходно во „Травијата“, „Риголето“ и „Јованче и Марика“), Таа ги пофали солистите, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл во претствата која раскажува за љубов, омраза, одмазда, убиство и нагласи дека најголемата драма што ја донесува операта е уништувањето на една личност.

-Ме импресионира како една страст, една жена, може да уништи еден човек, а тоа се случува во секое време, додаде Најденова, која е директор на Операта во Пловдив.

Диргентот Довико рече дека „Кармен“ е тешка за изведба од оркестар. Оригиналната партитура на Бизе била микс на драма и музика – песни, танц и дијалог и поради говорните делови претрпела верзии во 19 век за да може да излезе Франција на други сцени. Бизе покажал голем талент во градењето на ликовите и во користењето музички традиции, како што е шпанскиот фолклор.

Оваа опера во четири чина која припаѓа на т.н. опера комик е најпозната во француската оперска литература. Настаната е според истоимената новела на Проспер Мериме и имала неуспешна премиера на 3 март 1875 зашто прикажала приказна различна од дотогашните „елегантни“ теми, била претстава за ниски страсти, разбојништва, грабежи, проституција…

„Кармен“ на македонската сцена е праизведена на 4 март 1951 со Ана Липша Тофовиќ во насловната улога, а тоа било и влез на француската опера кај нас. Во претходните обнови, покрај Кавкалеска, ликот на Кармен го толкуваа и оперските певици Милка Ефтимова и Анастасија Низамова.

Сценограф на новата „Кармен“ е Елена Иванова од Бугарија, костимограф е Марија Пупучевска. По премиерата на новата, седма обнова в петок, претставата репризно ќе биде изведена на 12 ноември.

Би можело да ве интересира

Премиера на обновената „Кармен“ со Ирена Кавкалеска во насловната улога

Ана Ололовска

Пласидо Доминго веќе не е директор на Операта на Лос Анџелес

Ана Ололовска

Барокната опера „Дидо и Енеј“ постави платформа со нови естетски вредности

Ана Ололовска

Операта „Дидо и Енеј“ од Хенри Персл во Филхармонија

Ана Ололовска

Љубовната опера „Дидо и Енеј“ првпат во Македонија со ѕвездите Гарванлиев и де Силва!

Ана Ололовска

Виктор Митревски ќе ја диригира „Свадбата на Фигаро“ во Австрија

Ана Ололовска