На сцената на Македонскиот народен театар на 2 март, премиерно ќе биде одиграна претставата „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ од германскиот автор Рајнер Вернер Фасбиндер, а во режија на Ивица Димитријевиќ.
Текстот е напишан кон почетокот на 70-тите години од минатиот век, со кој авторот стекнува и голема светска слава, бидејќи отворено зборува за љубовните односи меѓу жените. По екранизацијата на филмското платно, текстот е повеќепати поставуван и на светската театарска сцена, а во Македонскиот народен театар се поставува за првпат.
Љубовната драма „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ е базирана на целосно и внимателно одбрана женска актерска екипа: Драгана Костадиновска – Петра фон Кант, Сара Анастасовска – Карин Тим, Сашка Димитровска – Сидони фон Гразенаб, Софиа Насевска -Трифуновска – Марлен, Тања Кочовска – Валери фон Кант и Анастасија Аневска – Габриеле фон Кант.
Дејството на пиесата се случува во домот на нарцисоидната и позната модна креаторка Петра фон Кант, која ја следи променливата динамика во нејзините односи со другите жени. Приказната на протагонистката Петра е раскажана во пет чина, притоа секој од нив ги прикажува психолошките состојби на главниот лик.
Претставата отворено и повеќедимензионално зборува и за тоа како капиталистичкото потрошувачко општество ѝ се заканува дури и на љубовта, без разлика за каква љубов станува збор — партнерска, другарска, родителска… За да ја первертира и да ја доведе до должничко доверителски продукт.
Како креативни соработници се потпишуваат костимографката Ирина Тошева, консултант за сценографија е Кристина Божурска, а музиката ја изработи Јане Трајковски. Станува збор за копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар и МИ Филм, а следните изведби се закажана на 4 и 22 март со почеток во 20:00 часот.
Билетите се достапни онлајн преку веб-страницата www.mnt.mk како и на билетарницата во МНТ.