Кореографката Рисима Рисимкин е поканета да предава на Колеџот за извонредност во уметноста, што е дел од Пекиншката академија за танц. Таа ќе одржи мастер-работилници на тема „Креативниот процес на создавање нови движења“, а на 27 октомври ќе учествува и на трибината за „Танцот и традицијата“.
Пекиншката академија за танц ја посетуваат околу 2.500 редовни студенти и е најголема и најзначајна високообразовна институција за танц во НР Кина, на која се изучуваат повеќе видови танц, како класичниот кинески танц, современ танц, класичен балет и фолклор.
Учеството на Рисимкин е во рамки на проектот за соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Југоисточна Европа и покрај неа вклучени се и професори, експерти и кореографи од областа на танцот од Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Унгарија, Словачка, Чешка, Хрватска и Кина.
Скопје танцовиот театар, чиј уметнички директор е Рисима Рисимкин, во декември 2017 со поддршка на Министерството за култура на РМ, ќе гостува на програмата „Културната сезона 2017“, уметнички настан кој се одржува преку целата година во повеќе градови во Кина и на кој учествуваат селектирани претстави и уметници од земјите учеснички во проектот „16+1“.
Скопје танцовиот театар е единствен претставник на Македонија од областа на танцот во оваа програма, а ќе ја претстави најновата продукција „Кожа“ која во 2018 година е поканета и на престижниот Holland Dance Festival во Хаг.