Праизведба на претставата „Кирил и Методиј, who are you“ утревечер на „Охридско лето“

Од:

Театарската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со праизведбата на најновото драмско остварување на Јордан Плевнеш, „Кирил и Методиј, who are you“, во режија на Мартин Кочовски.

Станува збор за интернационален проект, копродукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп,  Нова европска театарска акција (НЕТА) со седиште во Љубљана, театарската куќа „Сфумато“ од Бугарија и Фестивалот „Охридско лето“.

Претставата започнува со една мистериозна средба во која висок претставник на една мултинационална компанија, Вилијам Браун, бара средба со Кирил Белогорски, којшто во списоците на американските тајни служби е забележан како експерт за Кирил и Методиј и нивното влијание во целиот словенски свет. Кирил Белогорски за исклучително висока сума пари треба да подготви 15-минутен документарен филм, којшто ќе одговори на  многу прашања.

Како што истакна самиот автор Јордан Плевнеш, текстот почнал да го работи пред дваесетина години во САД, во време кога на Унверзитетот Јејл држел предавање на македонскиот феномен Живко Чинго, ги сонувал Кирил и Методиј како во средновековни одежди излегуваат да прошетаат низ Петтата авенија во Њујорк…

–  Од тој сон произлезе една пиеса која го третира светот како семејство, каде Кирил и Методиј како современици ја понесуваат таа светска димензија на семејството…Тој сон за светите Кирил и Методиј кои биле подвижници на идејата за цивилизација на љубовта и носталгија по единството, се оствари во овој проект, истакна Плевнеш.

Тој забележа дека пиесата во себе ја доловува пораката на едно од најсветлите наследства на европската и светската цивилизација, што ја носат светите Кирил и Методиј. Таа ќе им го растајни на гледачите патот како двацата светители 1100 години по нивната смрт се прогласени за заштитници на Европа.

– Нивното духовно наследство како носители на цивилизација на љубовта и носталгијата по единството ќе биде презентирано во оваа пиеса како наследство на сите седум милијарди луѓе на планетата, без исклучок. Во таа смисла, нивната визија градена долги векови во Охрид и сочувана во охридската меморија, верувам дека повторно ќе го доведат Охрид во центарот на светското внимание, истакна Плевнеш.

Режисерот Кочовски за неговото најново остварување истакна дека произлегува од едно интересно друштво што споделува голема идеја, преку настапот на прилепската актерска екипа збогатена со други врвни уметници од Македонија, Грција, Бугарија, меѓу кои се создава некоја чудна хемија.

– Овој текст не прави некаква ревизија за историските факти за светите Кирил и Методиј, туку една потрага по ехото на нивните идеи, нивната мисија. Тука почна целата оваа одисеја, низ која стигнавме до некаква позитивна екликтична форма, која на крајот актерите ја оформуваат, давајќи и душа и сила, рече Кочовски, изразувајќи уверување дека публиката преку претставата катарзично, емотивно ќе ја доживее цивилизацијата на љубовта, а истовремено ќе сфати дека носталгијата по единството е базирана врз хуманистички, а не политички идеи.

Претставата „Кирил и Методиј, who are you“ ќе се игра на сцената на Долни Сарај, со почеток од 21 часот.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“