Повеќе од стотина филмови на 14. Синедејс од 12. до 21. ноември

Од:

Со премиера на филмот „Три дена во септември“ на македонскиот режисер Дарјан Пејовски на 12 ноември во киното Милениум ќе биде отворен 14.Фестивал на европски филм Синедејс. Филмот е во селекција за една од наградите во Официјалната програма.

Фестивалот, кој ќе трае до 21 ноември, нуди повеќе од стотина филмови селектирани во неколку програми: официјална програма, СинеБалкан, Гала програма, музички документарци, летонски и македонски кратки филмови и богата придружна програма од работилници, концерти и панел дискусии.

– Голем е мигот за мене што по долги години успеваме да го отвориме фестивалот со македонскиот филм „Три дена во септември“ на Дарјан Пејовски, кој е во конкуренција, рече директорот на Младинскиот културен центар, Златко Стевковски.

Посочи дека Фестивалот ќе биде затворен на 21 ноември во киното Милениум со филмот „Шишка Делукс”, македонска копродукција во режија на Јан Цвитковиќ.

Во официјалната програма и програмата СинеБалкан ќе бидат прикажани филмови на млади режисери. Ќе се одржи и меѓународна панел дискусија на тема „Миграции, со професори по социологија, политички науки и филм од регионот и Европа“.

Во Гала програмата се најнаградуваните и најпознатите режисери во 2015 година: Томас Винтерберг со „Далеку од безумната толпа“, Сузан Биер со „Втора шанса“, Паоло Сорентино со „Младост“, Матео Гароне со „Приказна над приказните“, Александар Сокуров со „Франкофонија“, Никота Михалков со „Сончаница“, Вим Вендерс со „Се ќе биде во ред“ и тоа во 3D, Нани Морети и „Мојата мајка“, Вуди Ален со „Ирационален човек“, како и канскиот победник „Дипан“ на култниот Жак Одијар.

Ќе бидат прикажани и документарниот филм за пејачката Ејми Вајнхаус „Аmy“, „Страста и звукот во Западен Берлин 1979-1989“, филм кој музички ја опишува последната декада од овој град пред паѓањето на ѕидот, филмот за македонската хип хоп сцена „Сложувалка“, документарниот филм посветен на култната музичка група „Morphine“ насловен „Патување од соништа“, потоа „Кучешко срце“, концептуален филм на големата Лори Ендерсон итн.

Во рамки на концертната понуда на Фестивалот на 13 ноември ќе настапи британскиот тек хаус диџеј Тери Френсис, на 16 ноември ќе настапи легендарниот хип хоп артист диџеј Премиер, а за љубителите на инди-рок музиката ќе настапат монтреалскиот дистописки арт-панк колектив Suuns и Jerusalem in my heart.

Ќе се одржат и работилница за развој на сценарија од наградуваниот консултант и сценарист Роелоф Јан Минебо, работилница посветена на ориенталната музика во филмот од проф.Берак Таранч, предавање од проф. Вилијан Браун за умешноста на снимање филм без буџет, како и предавање на проф. Сали Салији за филмската уметност и консумеристичкото општество.

Наградите на Фестивалот се во висина од по 5.000 евра за најдобар филм во официјална конкуренција и најдобар филм во СинеБалкан конкуренција.

Цената на билет е 150 денари за проекциите во киното Милениум, 100 денари за програмата во киното Фросина, а проекциите во Џебното кино се бесплатни. Годинава за средношколците и студентите ќе има 50 отсто попуст за секој билет.

Би можело да ве интересира

Премиера на краткометражниот игран филм „Имиња“ на „Синедејс“

Заврши 21 издание на „Синедејс“

Ана Ололовска

Вечерва проекцијата на филмот „Нема да си сама“

Филмот „Мими“ вечерва го отвора Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“

Горан Наумовски

Отворање на Синедејс 2022 со македонската премиера на играниот филм „Мими“

Ана Ололовска

Загревање за Cinedays – Европско патувачко кино под отворено небо

Ана Ололовска