Поставени нови седишта во салата на Домот на културата во Кавадарци

Од:

Министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа Милевска денеска го посети Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, каде што беа поставени нови 260 седишта во големата сала.

Оваа инвестиција, информираше  Канческа Милевска, чинеше околу милион и 500 илјади денари,а проектот се реализираше благодарение на заложбите на Министерството за култура и локалната самоуправа.

– Ние не застануваме тука и понатаму ќе продолжиме со инвестиции. Домот доби и уште една нова кино сала со 3Д проекција, а се реши и греењето во салата. Преку Министерството се обезбеди и техничка и светлосна опрема за домот како впрочем што направивме и во други културни институции во државата. Се уреди и галерискиот простор во кој се организираат голем број на меѓународни и домашни изложби, рече министерката Канческа Милевска.

Таа нагласи дека и во иднина како Министерство ќе даваат голема поддршка на проектите од различни дејности од областа на културата.

Министерката Канческа Милевска имаше средба и со градоначалникот на Кавадарци Александар Панов со кој разговараа за досегашната и идната соработка во областа на културата. Таа изрази голема благодарност до Панов и до Советот на општина, како и до директорите на културните институции во градот  за поддршката на културните проекти и одличната соработка. Сето тоа, како што рече, во функција на развој на градот кој има длабока  културна традиција и големи културни вредности. Таа ги спомена и проектите од областа на заштитата на културното наследство, потенцирајќи го тој за санација и конзервација на фрескоживописот на црквата „Свети Никола” во Кавадарци.

– Во изминатиот период знаете дека еден од приоритетите на Министерството за култура и Владата е локалниот културен развој и се трудиме максимално да помогнеме во таа насока. Имено, резултатите и нашите заложби  се потврдуваат и се докажуваат овде во Кавадарци. Благодарение на поддршката на годишните програмски активности на трите културни институции овде, се реализираат бројни проекти од областа на културата. Овде има долгогодишна традиција на меѓународни фестивали како што се рок фестивалот, џез фестивалот, фестивалот на хорови и други настани и манифестации. Тука е и манифестацијата „топол културен бран” како еден многу значаен настан за дисперзија на голем број на културни настани низ сите градови, а кој се  спроведува и во Кавадарци, нагласи таа.

Осврнувајќи се на проектите од издавачката дејност, Канческа Милевска истакна дека редовно се дистрибуираат книги до сите библиотеки во државата. Со новите измени во Законот за библиотечна дејност, подвлече, се овозможи во националните институции  тие да се купат по прифатлици цени и на рати.

Градоначалникот Панов изразувајќи благодарност потенцира дека Министерството за култура многу пати досега имало слух за културните потреби на кавадарчани. Се поддржуваат проекти на домот на културата, музејот и градската библиотека.

– Сега можам слободно да кажам дека Кавадарци има три културни институции кои имаат европски лик. Следува инвестирање во сцената и зад сцената во домот на културата, повторно ќе обезбедиме по половина од потребните средства заедно со Министерството, рече тој.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Основен суд Кавадарци: Одбиени предлози за укинување одлуки за продажба на имот на поранешно „Фени”

Kонцерт на Џез триото АУМ