Порака на Стефоска на 41. Конференција на УНЕСКО: Наш најголем предизвик е да се соочиме со вистината колку сме кршливи

Од:

Никој не можеше да претпостави со какви предизвици ќе се соочи светот по 40-тата сесија на Генералната конференција на УНЕСКО во ноември 2019-та. За жал, светот се соочи со закана од смртоносен вирус. КОВИД-19 ја сопре планетата и го промени животот на сите нејзини жители, нагласи министерката за култура Ирена Стефоска во пораката до 41. Генерална конференција на УНЕСКО, која од 9 до 24 ноември се одржува во францускиот главен град Париз.

– Универзалните вредности се сведоа на битка за преживување, секој за себе. И покрај надежта дека светот ќе биде подобар по ова болно искуство, единственото добро што се случи е тоа дека планетата Земја накратко здивна од нашето невнимание кон неа. Оттаму, што е КОВИД-19 ако не имунолошки одговор на природата кон нас?! Ние повеќе од два века го игнорираме секој нејзин вресок. Научивме ли колку сме кршливи, порача Стефоска.

На денешната пленарна сесија, на која се разгледуваа генералните политики на УНЕСКО за 2021 година, од името на Стефоска, пред присутните се обрати амбасадорката Јадранка Чаушевска-Димов, постојан претставник на земјава во УНЕСКО, која, читајќи ја пораката на министерката, нагласи дека за неполни две години изгубивме милиони животи, додека илјадници луѓе ќе имаат трајни последици.

– Светот е далеку од закрепнување од оваа светска пандемија. И наместо брзината на информирање на социјалните медиуми во оваа битка да биде предност, ние сме во битка и со нивното „второ лице“ – лажните вести, теориите на заговор и живот во виртуелен свет во кој нема ништо и никој. Во оваа тажна, светска реалност не смееме да заборавиме дека како за Ковидот, така и за информациите, нема граници. И двете нешта бараат будност и акција. На првиот проблем му се посвети науката, но за вториот, во кој на удар најмногу е младата популација, излезот е во квалитетно и современо образование. И затоа, потребно е да ги споделиме добрите искуства зашто светот одамна ја живее својата глобализација. Во таа смисла, во целост ги поддржуваме напорите да се исполнат задачите и заложбите на УНЕСКО, особено во справувањето со последиците од ковид-кризата во образовниот процес, истакнува Стефоска во пораката.

Таа додава дека на многубројните предизвици на 21 век му се приклучил и уште еден сериозен проблем – интересот за атрактивни професии, кои, за жал, создадоа дефицит на кадар во исклучително значајни области за нас луѓето, како што е и заштитата на материјалното и на нематеријалното културно наследство.

– Владата на Република Северна Македонија во последниве години постојано го зголемува буџетот за заштита на културните добра, но проблемот со професионален кадар станува сериозен. Тој факт уште повеќе нѐ насочи кон соработка со земјите што имаат завидно искуство во заштитата. Затоа сакам да ја потенцирам соработката со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици во Солун, Грција, со чии експерти работиме на зачувување на исклучително вредно светско наследство од 12 век – црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново. Оваа драгоценост ја впишавме и на тентативната листа на УНЕСКО зашто сметаме дека Ангелот од Курбиново е убавина што треба да се сподели со светот. Исто како и нашиот бисер – Охридскиот Регион, кој во 1979 година беше впишан на престижната листа на УНЕСКО како светско културно и природно наследство, наведува Стефоска.

Таа во пораката нагласува дека земјава е активно посветена на одржување на интегритетот и автентичноста на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

– Остваруваме интензивен дијалог со Центарот за светско наследство на УНЕСКО и, заедно со Република Албанија, посакуваме нашата билатерална соработка да биде пример дека заедно сме посилни, помудри и поодговорни во заштитата на ова наше заедничко и универзално добро, посочува Стефоска.

На 41. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, на која за генерален директор повторно е избрана Одри Азуле, се дискутира за стратегијата за периодот 2022 –2029 година, а треба да бидат усвоени и препораките за етика на вештачката интелигенција и за отворена наука, како и програмата за одбележување јубилеи во рамките на УНЕСКО за следните две години, при што нашата држава ќе го одбележи јубилејот „100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов“.

Во рамките на 41. сесија на Генералната конференција се одржа и специјален настан со кој се одбележа јубилејот „75 години од основањето на УНЕСКО“. За овој настан, Македонската национална комисија активно се вклучи со свои прилози (документи, фотографии, видеоматеријали и пригоден спот со кој се честита јубилејот), кои се вградени во јубилејната публикација на УНЕСКО објавена во електронска форма.

Би можело да ве интересира

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион

Мониторинг-мисијата на УНЕСКО на проценка во Охрид

ВИДЕО: Италијанското оперско пеење доби статус на културно наследство на УНЕСКО

Предраг Петровиќ

Ковачевски во УНЕСКО: Северна Македонија е мултикултурна реткост и придонесува во ефикасен мултилатерализам

Костадиновска Стојчевска: Статусот на УНЕСКО останува, остануваат и препораките за негово зачувување

Влада: Зачуван е престижниот статус на Охридскиот Регион на листата на УНЕСКО