Поетскиот караван на Друштвото на писателите на Македонија денеска ќе гостува во Домот на културата во општината Илинден. Пред љубителите на поетскиот збор ќе настапат 25 истакнати автори, членови на македонската писателска асоцијација.
Во годинашниот циклус поетскиот караван на Друштвото на писателите на Македонија гостуваше во Свети Николе, Крива Паланка, Битола, Штип. Тетово и на Фестивалот на детското литературно творештво „Ракатки“.
Покрај договорената соработка за оваа манифестација со библиотеките во Гевгелија, Куманово и Велес, со Домот на културата „Иван Мазов“ во Кавадарци, со литературните манифестации „Караманови средби“ во Радовиш и „Ганеви денови“ во Кожле, поетите ќе го продолжат караванот и во Струмица, Лазарополе, Македонски Брод, Демир Хисар и Крушево.
Поетскиот караван ќе заврши со традиционалната манифестација „Средба на генерации“ во рамки на Деновите на Блаже Конески кои секоја година се одржуваат од 17 до 19 декември, денот на раѓањето на големиот македонски поет, основоположник и прв претседател на македонската писателска асоцијација.
Циклусот од 17 поетски каравани за годинава Друштвото на писателите на Македонија го реализира во рамки на проектот за дисперзија на културните настани во земјата. Во оваа манифестација ќе земат учество 80 поети од сите генерации.