Дваесет македонски поети, членови на Друштвото на писатели на Македонија, синоќа гостуваа во Центар за култура Крива Паланка како дел од Поетскиот караван на ДПМ.
– Особена чест ми е што вечерва членовите на ДПМ се присутни во нашиот град. Изминатиот период во Центарот за култура организиравме низа книжевни настани, промоции на книги од познати македонски автори, но и од млади кривопаланчани, бевме домаќини на повеќе поетски читања, но првпат во нашиот град се случува еден ваков голем настан, изјави Александар Рангелов, директор на Центарот за култура од Крива Паланка.
Претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, Веле Смилевски, рече дека пред кривопаланчани се претставија македонски поети чиишто дела достигнале меѓународни признанија и награди.
– Ни претставува задоволство што поетскиот караван на ДПМ настапи во Крива Паланка непосредно по одбележувањето на 68-годишнината од формирањето на нашата асоцијација. ДПМ е формирано во 1947 година и до сега во него членувале 480 истакнати автори, поети, раскажувачи, романсиери, писатели за деца. Нашето вечерашно гостување е резултат на одличната соработка со директорот на НУ Центар за култура од Крива Паланка со што е постигнато афирмирањето на создаденото книжевно богатство во Македонија, изјави Смилевски.
Пред бројната публика во НУ Центар за култура во Крива Паланка свои стихови читаа Веле Смилевски, Стојан Тарапуза, Софија Мерџановска, Паскал Гилевски, Борче Панов, Раде Силјан, Сеида Бегановиќ, Оливера Доцевска, Димитар Пандев, Миле Јовановски-Поречанец, Трајче Кацаров, Мирче Нешовски, Јордан Ѓорчев, Братислав Ташковски, Елена Тренчова, Јовица Илиќ, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Васо Ангеловски, Бобан Богатиновски, Љупка Тод Наумова.
Гостувањето на поетите во Крива Паланка е дел од новиот циклус од 17 поетски каравани во 2015 година на Друштвото на писателите на Македонија во рамките на проектот за дисперзија на културните настани во Македонија во кој учествуваат 80 поети од сите генерации.