Поетскиот караван на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) вечер гостува во Домот на младите во Штип каде ќе се претстават 25 истакнати поети од различни генерации.
Штипјани ќе можат да ги чујат делата на Иван Чаповски, Раде Силјан, Ресул Шабани, Гордана Михаилова Бошнакоска, Веле Смилевски, Тодор Чаловски, Благој Самоников, Вања Изова Велева, Трајче Кацаров, Јордан Ѓорчев, Делвина Керлуку, Братислав Ташковски, Игор Крајчев, Марина Мијакоска, Борче Панов, Елена Пренџова, Стојан Тарапуза, Горан Анчевски, Миле Јовановски Поречанец, Наташа Василевска Трајчевска, Паскал Гилевски, Ленче Милошевска, Александар Кујунџиски, Блаже Китанов и Јовица Илиќ.
Годинашниот циклус од 17 поетски каравани Друштвото на писателите на Македонија го реализира во рамките на проектот за дисперзија на културните настани во земјата.
До сега поетите на ДПМ гостуваа во Свети Николе, Крива Паланка и Битола. Покрај договорената соработка за оваа манифестација со библиотеките во Гевгелија, Куманово и Велес, со Домот на културата „Иван Мазов“ во Кавадарци, со литературните манифестации „Караманови средби“ во Радовиш и „Ганеви денови“ во Кожле, поетите ќе го продолжат караванот и во Струмица, Тетово, Лазарополе, Македонски Брод, Кичево, Демир Хисар и Крушево.
Поетскиот караван ќе заврши со традиционалната манифестација „Средба на генерации“ во рамките на Деновите на Блаже Конески кои секоја година се одржуваат од 17 до 19 декември, денот на раѓањето на големиот македонски поет, основоположник и прв претседател на македонската писателска асоцијација. Во поетскиот караван на ДПМ низ Македонија ќе земат учество 80 поети од сите генерации.