Друштвото на писателите на Македонија денеска организира поетски портрет на Ристо Лазаров, по повод 65-годишниот животен јубилеј и 45 години творечка дејност на поетот.
За творечкиот опус на Лазаров ќе зборуваат академиците Георги Старделов, Влада Урошевиќ и Катица Ќулавкова, а песните ќе ги чита актерот Ѓорѓи Јолевски.
Ристо Лазаров е автор на повеќе од 20 стихозбирки. Избрани дела од неговиот опус се објавени во четири тома. Добитник е на повеќе домашни книжевни признанија, меѓу кои на наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија и наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.
Негови песни се застапени во сите антологии на новата македонска поезија, а посебни книги од неговото творештво се објавени во Русија, Австралија, Албанија, Србија, Англија, Словенија и во Чешка.