Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, синоќа ја отвори третата меѓународна поетска манифестација „Мирче Нешовски низ ѕвезденото небо“.
Манифестацијата е во пресрет на 52-то издание на „Струшките вечери на поезијата“.
„Јас како градоначалник и општина Центар секогаш, со задоволство ќе подржуваме вакви манифестации, каде што се слави убавиот збор“, рече Жерновски.
Наздравувајќи со вино, подарок од Словачкиот амбасадор, Жерновски им посака пријатни мигови и дружење низ духовната светлост врз Центарот на Скопје.
„Поезијата ги зближува нациите и народите и затоа сум еден од вљубениците на манифестацијата, која се одржува во населба Капиштец, кај трите расцутени дрва“, рече, поздравувајќи ги присутните, амбасдорот на Словачка, Роберт Кирнаг.
Ѕвезден Македониум беше доделен на Стефан Влахов Мицов за развој на македонската национална кауза и историја и на Живко Поповски Цветин за македонската мисија во придонесот на светскиот мир.
Организатори на манифестацијата се Урбаната заедница „Невена Георгиевска-Дуња“-општина Центар, издавачката куќа „Менора“ и Здружението за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“, а подржувачи се општина Центар и Словачката амбасада.