Педесетина анимирани филмови од 28 држави од светот ќе бидат прикажани на шестото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“, кој од денеска до 4 декември ќе се одржува во Кинотека на Македонија.
Под мотото „За нагоре“, публиката ќе може да погледне 43 филмови за возрасни, кои ќе се борат за наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула и 11 филмови за деца. Осум филмови се од професионалци направени за деца, а останатите се детски, направени од деца за деца.
Од вкупно пријавени 1.527 филмови од 85 држави од светот, Ева Камчевска, Диме Ратајковски и главниот селектор Благоја Куновски-Доре ги избрале 43 куси филмови во официјалната конкуренција за награда и 11 филмови за детската програма.
И оваа година акцент е ставен на детската програма. Предвидени се две работилници посветени за децата. Првата е стрип работилница, која ќе се одржи денеска, од 17.30 до 19 часот со менторите Здравко Гиров и Давор Драмиќанин. Аниматорката од Полска Дарија Копиец ќе одржи тридневна работилница за деца. Таа како техника ќе ја употреби стоп анимацијата, а ќе работи со пластелин. В петок, во 18 часот ќе има уште една работилница „Слатка материја“ со Николас Бролт, аниматор од Канада, кој прави фигури со леење шеќер. Тој е добитник на специјалната награда Гран при што ја доделува Град Скопје за најдобар анимиран филм во рамки на фестивалот.
На последниот дел од фестивалот ќе бидат доделени наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула, а за нив ќе одлучува меѓународна жири-комисија составено од Дарија Копиец, Масимилиано Нардули од Рим, програмски директор и селектор на неколку европски филмски фестивали и Жарко Иванов, аниматор од Македонија. Ќе биде доделена и наградата Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во четири фестивалски дена.
Македонски претставник во официјалната програма е анимираниот филм „Акт“ на Ацо Станковски.
В сабота, во арт-кафето „Концепт 37“ ќе биде промовиран и зборникот „Опсесија. Перверзија. Бунтовност. Изопачени соништа на централно-европската анимација“ од Михал Бобровски од Полска.
Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Град Скопје и Кинотека на Македонија.