Почна тендерската постапка за конзервација на црквата „Свети Власие“ на штипската тврдина Исар. Проектот се реализира преку Програмата за меѓугранична соработка Бугарија-Северна Македонија, а партнер на Заводот за заштита на споменици(ЗЗС) и Музеј на град-Штип и на Центарот за развој на Источно планскиот регион е Народното читалиште „Георги Тодоров 1885“ од бугарскиот град Белица.
Директорот на ЗЗС и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов вели дека тендерската постапкка трае два месеца, откако ќе се избере фирма ќе почнат и конзерваторските работи на терен.
-Се надевам дека конзервацијата ќе биде завршена оваа година. Проектот се одвива во две години. Тоа значи оваа и наредната година. Сепак мислам дека поголемиот дел од градежните работи ќе се завршат оваа година, вели Штерјов.
Тој истакна дека со конзервацијата на црквата „Свети Власие“, но и уредувањето околу неа, градот Штип ќе добие уште една убава туристичка содржина. Проектот „Културен мост низ вековите“ е вреден над 400.000 евра, од кои 200.000 евра припаѓаат на Народното читалиште во Белица, додека останатите се за реализиација на проектот на македонска страна.
Во рамките на проектот „Културен мост низ вековите“ ќе се реализираат голем број активности во прекуграничниот регион, како што се обуки за туристички водичи, различни работилници со теми поврзани со Управување со културно наследство, форуми за дискусии на слични теми како и градежни активности на црквата „Св.Власие“ на археолошкиот локалитет Исар во Штип, и на народното читалиште „Георги Тодоров 1885“ во Белица.