Почна 13. Саем на книга во „Матица“

Од:

Во книжарницата на „Матица“ денеска почна 13. саем  „Книга во секој дом“, на кој се понудени изданија од различни области од домашни и светски автори, книги за деца и енциклопедии. На продажба се со попуст од 10 до 80 отсто, а просечната цена за книга е 120 денари. Во понудата се и комплети од три книги за 350 денари.

Менаџерот на „Матица“ Дејан Павлевски изјави дека во вкупната понуда се милион наслови. Стотина се нови изданија од домашна и од странска продукција, меѓу кои се и тие од   партнерските договори со издавачи од Велика Британија. Тој е задоволен  од посетеноста и од интересот за нивните саеми. Минатата година биле продадени над 100.000 книги.

– Она што го почнавме во 2000 година, сакаме да го задржиме и продолжиме. Просечната цена од 120 денари го оправдува слоганот „Книга во секој дом“, рече Павлевски,  кој има впечаток дека во изминатите 13 години е зголемен интересот на дела од македонски автори.

Најбарана книга во „Матица“ лани била „Рингишпил“ на српската писателка Јелена Бачиќ, како и „Јулија“ на Ен Фортие, а негова лична препорака за оваа година е „Освојувачот“ од Кон Игулден, едно од новите изданија.

Од македонските автори, рече Павлевски,  најчитан и најбаран автор меѓу двата саема е Блаже Миневски, особено неговата најнова книга „Црна лисица“ што излезе пред три месеци. Книгата за македонската политичка емиграција речиси има распродаден тираж.

Миневски денеска ја отвори првата од серијата средби на македонски писатели со читатели, кои ќе се одржуваат оваа недела. До доцна попладне тој ќе потпишува примероци од романот „Црна лисица“, како и од претходните „Нишан“, „Свирци“.

Според него, кај читателите се уште доминира интересот за полесната, жанровска литература, но смета дека младите се повеќе се свртуваат кон поквалитетна издавачка продукција и кон дела од автори кои важат за тешки за читање.

– Читањето не го сфаќам само како информативна дејност, како работа која треба да даде ситна или површна информација, туку како можност да се влезе во систем на размислување, на трансформација на своето битие и сфаќање на светот врз основа на она што ќе се прочита. Книга што не го менува барем за малку мислењето со кое читателот и приоѓа, мислам дека не го остварила она што е основно за една уметничка книга, изјави Миневски.

Кога не пишува, сака да им се навраќа на класиците, но и да чита бестселери на потврдени современи  светски автори, а не тие што ги пласираат маркетинг-агенциите. Има свои 15-ина фаворити, меѓу кои се Еко, Барнс, Курејши. – Тие во своите книги секогаш носат некакво изнанедување, не само во приказната, туку и во формата на раскажување. Повеќе или помалку, сите приказни се раскажани, а мене во новата проза ме  интересира начинот на кој е раскажана. Тие ми служат и како некакав учебник низ кој минувам како автор, додаде Миневски.

На саемот во „Матица“ до петок читателите ќе имаат можност и за средби со авторите Дарко Марковиќ, Веле Смилевски, Иван Чаповски и Братислав Ташковски.  Саемот ќе трае до средината на февруари.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ