Познатиот режисер Горан Паскаљевиќ, автор на повеќе филмови-класици во српската и југословенската кинематографија, почина денеска на 74-годишна возраст во Париз.
Паскаљевиќ, заедно со неколкумина југословенски режисери, меѓу кои и Горан Марковиќ и Срѓан Карановиќ, е дел од таканаречената „Прашка школа“ режисери кои во 60-те години дипломираат на угледната Академија во Прага, по што кариерата ја градат во родната земја.
Тој има режирано над 30 документарни и 13 играни филмови, од кои првиот – „Чуварот на плажата во зима“ го снимил во 1976 година.
Меѓу добро познатите филмови на Паскаљевиќ се: „Специјал, ен третман“, „Варљиво лето 68“, „Буре барут“, „Танго Аргентино“ и „Ангел чувар“.
Добитник е на многу престижни награди, вклучувајќи ја и наградата на критичари за најдобар европски филм во 1998 година за „Буре барут“ (според драмскиот текст на Дејан Дуковски) и наградата во Сан Себастијан во 1990 година за филмот „Време чуда“.
Американското списание „Варајети“ го прогласи Паскаљевиќ за еден од петтемина најдобри режисери на годината во 2001 година. Одликуван беше со Француски орден за уметност и литература.
Горан Паскаљевиќ е првиот филмски режисер што ја доби наградата „Бернард Вики Мост“ за хуманизам во своите дела во Минхен во 2002 година.