Македонската музичка сцена остана без еден од своите најпрепознатливи изведувачи на народната песна. На 86-годишна возраст во Охрид почина Наум Бурназ, пејач кој со децении беше посветен на негувањето и афирмацијата на македонскиот фолклор.
Бурназ зад себе остави богата музичка кариера и бројни антологиски интерпретации кои остануваат дел од македонското музичко наследство. Со својот препознатлив вокал и автентичен пристап кон изворната народна песна, тој стекна почит кај повеќе генерации љубители на македонската музика.
Во текот на својот живот активно работеше на зачувување и промоција на македонскиот фолклор, настапувајќи низ земјата и пред македонската дијаспора ширум светот.
Веста за неговата смрт предизвика бројни реакции од колеги, музичари и почитувачи, кои се простуваат од охридскиот музички доајен, истакнувајќи дека Македонија загуби исклучителен уметник чие дело ќе продолжи да живее преку неговите песни.
