Славниот шпански тенор и диригент Пласидо Доминго на 14 март 2025 година ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“. Со него ќе настапи и Марија Хозе Сири – една од водечките сопрани во светот, заедно со оркестарот на Македонската опера и балет. Диригент ќе биде Жорди Бернасер од Шпанија.
Директорот на Македонската опера и балет Оливер Арсовски на денешната прес-конференција нагласи дека овој концерт е шанса за позиционирање на државата на светската сцена. Концертот ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“ со почеток во 21 часот. Овој концерт го организира Македонската опера и балет со Прагма продукција.
Арсовски потенцира дека маестро Пласидо Доминго има кариера, која се протега 50 години, и е заслужен дел од светската оперска уметност. Досега имал над 150 солистички улоги, над 4.400 настапи и над 600 настапи како диригент. Доминго, како што рече, е едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 „Греми“ награди. Доминго бил член на Тројцата тенори, режисер, диригент, почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.
– Марија Хозе Сири е драмски сопран број еден во светот, посочи Арсовски. Потсетувајќи дека имала над 150 настапи, а во 2010 година настапила на Мајските оперски вечери.
Концертот ќе го диригира шпанскиот диригент Жорди Бернасер, кој од 2012 година соработува со Пласидо Доминго. Тој е еден од врвните шпански диригенти.
Оперскиот концерт ќе има два дела. Во првиот дел ќе биде со дела од италијанската музичка литература, а во вториот дел ќе биде проткаен со шпанското музичко творештво и со неколку арии од оперетите на Штраус и Лехар. – Се надевам и сигурен сум дека ќе има бис, додаде Арсовски.
специјално гостување и не е дел од некаква турнеја. Најави дека продукцијата и озвучувањето ќе биде перфектно и додаде оти ова не е прв концерт на Пласидо Доминго во спортска сала.
– За една мала земја како што сме ние, ова е од големо значење. Маестро Доминго не почитува и како земја, тоа може да го видите во изјавите, и без никакво наше нагласување, земјава ја претстави како Македонија, во сите негови изјави и на на неговата официјална веб-страница, рече Стефановски. Изрази благодарност до Министерството за култура и туризам и Националната опера и балет за поддршката и до генералниот спонзор Алкалоид.
Преку видео се обрати Пласидо Доминго, кој изразува задоволство што ќе настапи во нашата држава. Најавува дека концертот и неговата програмата ќе разбудат радост, емоции и смеа кои публиката долго ќе го памети.
Маестро Пласидо Доминго ќе пристигне во Скопје неколку дена пред концертот, на 11 март, по што ќе има две проби со Орекстарот и со Хорот на Операта. Генералната проба ќе биде во арената „Борис Трајковски“.
Билетите повеќе од три месеци се во продажба и во соседните земји, со цена од 2 000 до 5 000 денари. Досега над 500 билети се продадени во Бугарија.