Драмски театар Скопје со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ освои пет награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Оценувачката комисија во состав претседател Јанко Љумовиќ и членовите Милош Латиновиќ и Мирослав Мики Радоњиќ ги соопштија наградите на 57. издание на фестивалот.
На aнсамблот на Драмски театар Скопје му се доделени: награда за главна машка улога на актерот Дамјан Цветановски за улогата на Кристофер Бун, награда за женска епизодна улога се додели на актерката Емилија Мицевска за улогата на Џуди, награда за сценографија ја доби Константин Трпеноски за сценографијата во претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“, награда за костимографија се додели на Елена Вангеловска и Раде Василев за костимите во претставата и награда за кореографија и сценски движења се додели на Симон Симоновски.
Врачувањето на наградите ќе биде вечер, на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар беше селектирана во официјалната програма заедно со 10 претстави на македонските професионални театри. Под мотото „Враќање дома“ најреномираниот и најстар национален фестивал на театарската уметност од 09 до 16 јуни понуди богата фестивалска програма, а секој ден напладне се организираа разговори на тркалезна маса, на кои се дискутираше за претставите што се изведени на програмата претходниот ден.
Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисер е Зоја Бузалковска, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Асистент на режија е Димче Николовски – Димсата, драматург е Александра Бошковска. Костимите во претставата се на Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и фри ранинг техниката е на Симон Симоновски.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.
Драмски театар надвор од матичната сцена со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ во февруари годинава гостуваше на сцената на Местно гледалишче Љубљана во рамките на фестивалот РУТА Група Триглав и на минатогодишното издание на Охридско лето каде имаше одличен прием кај публиката и театарската фела.