Во Крушево денеска ќе почне Патувачкото кино на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, кое година ќе посети неколку места во демирхисарскиот регион.
До 28 август карванот на „Македокс“ ќе прикажува филмови во селата: Журче (18 август), Жван (20 август), Единаковци (21 август), Слепче (23 август), Смилево (24 август), Бабино (26 август), Сопотница (27 август) и Слоештица (28 август).
– Патувачкото кино е старо колку и фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ и веќе петта година со своето патувачко магаренце ги посетува подзаборавените, а восхитувачки убави региони во Македонија. Целта на Патувачкото кино е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места, каде што жителите немале можност за синеастичко доживување повеќе од 40 години, соопшти „Македокс“.
Фестивалот и Патувачкото кино се поддржани од Националната фондација за демократија од Вашингтон, Амбасадите на САД, Холандија и на Шпанија во Скопје, Министерството за култура на РМ и Агенцијата за филм на РМ, Градот Скопје и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.