Националната опера и балет соопшти дека поради голем интерес, во вторник, 5 октомври, репризно ќе ја изведе операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало, која вчера беше премиерно прикажана. Режисер е Дејан Прошев, а диригент Бисера Чадловска.
– Ремек-делото на веризмот, опера за љубов, неверство, убиство… Националната опера и балет му ја посветува на маестро Фимчо Муратовски, честитајќи му го јубилејниот 90-ти роденден и посакувајќи уште долго, со своето будно следење на приликите, да биде нејзина поддршка. Во својата долгогодишна уметничка кариера, проф. Муратовски диригирал 850 оперски и балетски претстави, од кои дел ги поставил и како премиери и праизведби, оставајќипри тоа голема трага во развојот на културата и уметноста, соопшти НОБ.
Настапуваат хорот и оркестарот на Националната опера и балет, со оперските солисти Ѓорѓи Цуцковски, Дешира Ахмети-Крлиу, Борис Трајанов, Дејан Стоев и Ристе Велков, и балетските Ендру Кук од Англија, Агим Бафтии и Меланија Гоцевска. Сценограф на претставата е Илина Ангеловска, костимограф Никола Булески, кореограф Олга Панго.