Во Домот на културата во Илинден денеска беше отворена прва општинска библиотека со фонд од 10.000 книги. Покрај наслови од различни жанрови, жителите на општината имаат и простор за читање, како и компјутери со бесплатен пристап на интернет.
Библиотеката е отворена во партнерство со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и со поддршка на Министерството за култура, кое и дистрибуираше наслови од едициите „130 тома македонска книжевност“, „Нобеловци“, „Ѕвезди на светската книжевност“. Има и учебници од проектот „Превод на 1.000 стручни книги“, што Владата ги објавува преку Министерството за образование и наука. Покрај насловите од владините проекти, голем број наслови се обезбедени и со акцијата „Подарете книга за велигденско јајце“, која општината ја организира секоја година.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска беше на свеченото отворање на библиотеката во Домот на културата „Илинден“ и рече дека фондот ќе се дополнува со секое ново издание од тековните, но и од идните книжевни проекти што ги реализира Министерството.
– Одличен напредок е што библиотеката се отвора со 10.000 примероци од различни жанрови – белетристика, стручна литература, лектири. За младата популација е од огромно значење читањето книги и следење на светското и на домашното литературно творештво. Многу ќе помогне во нивната едукација, а тоа е најголемо богатство што го поседуваме, зашто никој не може да ни го одземе, изјави Канческа-Милевска.
Во интерес на граѓаните, додаде таа, Министерството е отворено за соработка со Домот за гостувања на националните институции од културата, чии проекти ги финансира преку годишните програми.
– Библиотеката ќе биде на располагање на сите и ќе работи во две смени за да може максимално да се користи литературата. Домот на културата, кој официјално беше отворен кон крајот на минатата година, почнува веќе да ги добива сите содржини за кои е замислен, а дел од проектот беше и општинската библиотека со читалница, истакна Жика Стојановски, градоначалник на Илинден. Во општината традиционално се одржува и меѓународна литературна манифестација „Илинден“.