Отворен „Малински фото фестивал“ во Куманово

Од:

„Малински фото фестивал“ е насловен првиот фестивал на фотографија кој денеска беше отворен во клубот „Wire“ во Куманово. Ова е прв настан од ваков вид во Куманово, но и во Македонија, информираат организаторите од Фото клуб Куманово.

Денеска љубителите на уметничката фотографија имаа можност да проследат пет изложби и 12 проекции на формални места на изложување како што се Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и Уметничката галерија, но и неформални простори каде што можат да се видат  уметнички фотографии на автори од Македонија, соседството, но и фотографии од реномирани автори од светот.

– Нашата заложба е „Малински фото фестивал“ да прерасне во традиционален. Сакавме да се издвоиме со посебен начин на презентција на делата на фотографите, нешто што досега не е реализирано во ниту во Куманово, ниту во државава. Отворањето на фестивалот започна со изложба на минијатури од наградуваните фотографии на меѓународни изложби, за чија реализација добивме помош од повеќе клубови од Србија, Босна, Турција и Египет, рече претседателката на клубот, Софија Петковска.

Фото клуб Куманово, информира еден од основачите на клубот, Жаклина Стефановска е мошне млад клуб, формиран во февруари 2014.

– Иако сме нов клуб, настојуваме преку овој фестивал да ја промовираме уметничката фотографија и да ја доближиме до пошироката јавност, вели Стефановска.

Во кумановскиот Центар за култура денеска беше отворена и меѓуклупската изложба „КРУГ“ која има натпреварувачки карактер меѓу Фото клуб Куманово и Прилепскиот фото кино клуб.

Димитар Ристески, претседател на Фото клуб Прилеп, смета дека уметничката фотографија во Македонија започнува да живее со активирање на нови клубови на ниво на државата.

– Активно се развива уметничката фотографија преку презентација и учество на домашни фестивали, но и на меѓународни изложби. Фотографите во Македонија продуцираат квалитетни дела, вели Ристески.

Меѓу присутните гости на денешниот фестивал е и уметничкиот фотограф Мирослав Предојевиќ, претседател на уметничкиот совет при Фото сојуз на Србија, кој денеска реализиаше самостојна изложба насловена „Фотографи и модели“ која опфаќа 50 црно бели фотографии. Предојевиќ вели дека 35 години се занимава со уметничка фотографија и дека се уште ја користи аналогната постапка.

– Изложбата ги третира фотографите, моите колеги кои во моментот сликаат нешто што ним им е интересно, а јас во еден кадар ги имам и фотографите и мотивот кој тие го фотографираат. Сметам дека ќе биде интересно за пошироката јавност, вели Предојевиќ.

Фестивалот е посветен на првото фотографско семејство во Куманово, Малински, кое во раниот 20 век го бележи времето во кое живее, преку разните портрети и прикази на животот во Куманово.

– Голема чест е што фестивалот го носи името на Малински, односно на Ѓорѓи Малински кој е  прв фотограф во Куманово. Работел во „Илустрирани лист“ во Белград, а потоа отвора фото студио „Марс“ во 1926 година„ кое продолжува во семејството под името Малински, вели еден од потомците на семејството Малински, Зоран Илиевски.

Љубителите на фотографијата имаат можност да ја проследат и клупската изложба на фотографија Тумба, втора по ред, а која претставува пресек од наградуваните фотографии членови на клубот, фото проекциите на кои се презентирани колекциите на најпознатите турски автори, колекција на најголемиот клуб во светот ИФСАК, две проекции од најуспешниот автор, според светските фото организации, Луис Алберто Франке од Аргентина. Фестивалот го затвора клупската изложба на фотографии на „Шангај Арт клубот“, кој важи за еден од најактивните клубови во Азија.

Би можело да ве интересира

Девојче било истепано на свадбена веселба во Куманово

Изгоре куќа во Куманово, нема повредени

Сообраќајка во Куманово, тешко е повреден пешак

Потребни ригорозни санкции за оние кои ги напуштаат милениците и исфрлаат легла апелираат ветеринарите

Куманово: Две пријави за напад на ученици и еден за наставник во два одвоени случаи

Градежна инспекторка од Куманово побарала поткуп од 4.000 евра