Завесата на 29. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кој традиционално почнува на Денот на незевисноста, вечерва во Струмица ја кренаа актерите од Народниот тетар од Битола, со претставата „History of motherfuckers“, по мотиви на „Кориолан“ од Вилијам Шекспир. Ова е авторски проект на Андраш Урбан.
По нив, ќе се претстават актерите од штипскиот театар со „Крилја“ од Артур Копит, во режија на Никола Ристов.
Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
-Нека ни се честити трите децении на македонската независност и нека ни е вековита Република Северна Македонија. Во исто време нека ни е со среќа струмичкото театарско битисување на фестивалот, кој го носи името на бардот на македонското глумиште-Ристо Шишков, на кој актерите од разни земји ќе ја стават на пиедестал својата сценска игра, рече градоначалникот Јаневски.
Во шесте фестивалски денови ќе се одиграат десет претстави од театри од Бугарија, Хрватска, Србија и Северна Македонија со учество на триесетина актери, кои ќе се докажуваат со својата актерска игра за единствената награда за високо актерско остварување „Ристо Шишков“. Наградата се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фестивалот-актерот Ристо Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра.
Фестивалската жири комисија ја предводи ланската лауретка, актерката Александра Пешевска и актерите Благој Чоревски и Петар Мирчевски.
-Годинава фестивалот е поопсежен, баш меѓународен со претстави од странство. Лани моравме да се снаоѓаме во пандемиска година и бевме ограничени, но можеби сега е повозбудливо од лани. Задачата е што ја имаме како жири носи голема одговорност, рече актерката Пешевска.
Фестивалот се одржува во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица со почитување на ковид протоколите и со исполнетост до 30 отсто од капацитетот.