Нашата вечерашна приказна почна пред половина век кога двајцата браќа од Македонија, од Битола, купија камера и станаа првите филмски сниматели на Балканот. Македонија 35 години е организатор на најстариот меѓународен фестивал на филмска камера што во нивна чест го носи името „Браќа Манаки“.
Со овие зборови во Битола, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов свечено го отвори 35. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Во присуство на претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски и бројни домашни и странски гости, Иванов истакна дека е почестен што е покровител на фестивал со вервни филмски остварувања.
– Уверен сум дека досегашните успеси ќе не моривираат да трасираме пат кон ѕвездите поплочен со креативност, човекољубие и убавина, порача претседателот Иванов.
На свеченото отворање беа врачени и трите награди „Камера 300“ на Фестивалот, чие годинашно мото е „Кон ѕвездите“.
Специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност и беше врачена на овогодинешната ѕвезда на ИФФК и една од најпознатите и најнаградувани светски актерки, оскаровката Жулиет Бинош.
Лауреати-кинематографери се Крис Менџис, добитник на „Златна камера 300“ за животно дело и Лука Бигаци, добитник на Специјалната награда „Златна камера 300“.
Фестивалот ќе биде отворен со најновиот филм во кој глуми Бинош – „Облаците на Силс Марија“, а во чест на лауреатите Менџис и Бигаци ќе бидат прикажани филмовите „Читачот“ и „Големата убавина“.
Инаку, Бинош вчера пристигна во Битола, а јавниот разговор со неа е утре од 11 часот во малата сала на Центарот за култура во Битола. Настанот ќе го модерираат Лабина Митевска и Жарко Кујунџиски.
На 35. издание на ИФФК два македонски филма ќе ги имаат своите премиери – „До балчак“ на Столе Попов и „Децата на сонцето“ на Антонио Митриќески. Ќе бидат прикажани вкупно 76 филма во осум категории, меѓу кои и дел од филмовите на Милчо Манчевски, кој ќе ја понесе наградата „Златна ѕвезда“. Ова признание лани го воведе Друштвото на филмски професионалци на Македонија, а ќе му биде доделена на Манчевски, кој пред 20 години со „Пред дождот“ освои „Златен лав“ во Венеција.