Отворање на „Скопско лето“ со балетската премиера „Заспани убавици“

Од:

На Светскиот ден на музиката и на првиот ден од летото традиционално се отвора манифестацијата „Скопско лето“. Годинава е 36-тото издание кое вечер во Македонската опера и балет ќе почне со премиера на балетската претстава „Заспани убавици“ во кореографија на Саша Евтимова.

Балетот е работен според романот „Куќата на заспаните убавици“ на Јасунари Кавабата, на музика на Вагнер, Григ, Бах, Малер и од македонскиот композитор Милан Димушевски.

Кореографката Евтимова на прес-конференцијата рече дека балетот е ново гледање и нов пристап на приказната за заспаната убавица. Приказната во прв план ги поставува односите меѓу младоста и староста, сексот, смртта, животот и сеќавањето.

– Решив да биде комплетно различно видување од она што може да се види во останатите светски куќи. Сепак, го задржав терминот „заспани убавици“ затоа што е звучно име и се користи на сите светски сцени, рече Евтимова.

Во претставата настапуваат Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили, Наташа Николова, Гиорги Беридзе, Мирјана Поп Алексова-Атанасовска, Бобан Ковачевски, Марија Шокаровска, Игор Веланоски, Билјана Басмаџиева, Агим Бафтии и Саша Евтимова.

Во Мала станица, пак, вечер ќе биде отворена изложба „Просторна екстензија на уметноста“ по повод 25 години Галичка ликовна колонија.

Организаторот на „Скопско лето“ – Дирекцијата за култура и уметност Скопје – најави богата програма, која до 31 јули ќе понуди голем број настани од сите културни дејности – концерти, изложби, театарски претстави, филмови…

Мирко Стефановски од ДКУС истакна дека „Скопско лето“ е маратон од 40-ина дена. – Тоа се преку 60 програми, над 25 музички настани, десетина театарски претстави и четири премиери, 12 изложби, 15-ина филмски настани, мултидисциплинарна и разнородна програма која се одржува на 26 отворени сцени во градот, рече Стефановски.

Концертите ќе бидат жанровски разновидни – класика, опери, џез и фолклор. Поканети се голем број македонски музичари кои живеат и работат во странство, како и музичари од 20-ина држави од светот. Меѓу концертните настани е и Младинскиот музички маратон.

Во областа на сценската дејност, покрај репризи на изведени претстави ќе има и четири премиери – балетот на отворање „Заспани убавици“, „Кафе без цигари“ на Теа Беговска, „Еригон“ во режија на Јани Бојаџи, „Столови“ во режија на Дамјан Читкушев.

И во ликовната уметност ќе има голем број случувања, меѓу кои изложбата за четврт век постоење на Галичката ликовна колонија, „Скопски урбани приказни“ на ДЛУМ, проектот на осум ликовни уметници „Фемина 8“…

Во филмската програма, покрај Кафе-кино, ќе има и ревија на најдобри филмови од „Анимакс“ и фестивал на музички документарци „Скопје синема сити“. Проекциите на Кафе-кино ќе бидат во Сули ан. Програмата почнува на 6 јули со наградуваниот „Ида“ на Павел Павликовски и годинава е поддржана од Агенцијата за филм на РМ.

Би можело да ве интересира

Двојна изведба на балетската претстава „Заспаната убавица“ од П. И. Чајковски

44. издание на Скопско лето со преку 30 културни настани и богата програма ја одржува традицијата како еден од најдобрите фестивали за култура

На Денот на шегата и маските уште две претстави на „Петар Пан“

Ана Ололовска

Балетската претстава „Жизел“ во Националната опера и балет

Ана Ололовска

Изведба на оперската претстава „Боеми“ во Националната опера и балет

Ана Ололовска

Изведба на балетската претстава „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус

Ана Ололовска