Во просториите на Сале д’Арми (Sale d’Armi), во престижниот изложбен простор Арсенале во Венеција денеска ќе биде отворен Павилјонот на Република Македонија во рамки на 56-то издание на Биеналето во Венеција, една од најстарите и најпрестижни европски манифестации, која за јавноста ќе биде отворена од 9 мај до 22 ноември.
На отворањето ќе се обрати заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ.
Официјални претставници на Република Македонија на оваа најголема и најзначајна интернационална ревија на уметноста во светот се реномираните уметници Христина Иваноска и Јане Чаловски кои, со поддршка од Министерството за култура, ќе се претстават со проектот „Ние сите сме сами во ова“. Комесар на овој мултидисциплинарен ликовен зафат е Националната галерија на Македонија, куратор е Башак Шенова од Турција, а заменик-куратор Маја Чанкуловска-Михајловска.
Биеналето во Венеција е од големо значење за промоција на македонската култура и уметност пред земјите-учеснички од целиот свет. Претставува можност да се укаже на разновидноста на уметничките позиции, репрезентативните потенцијали и значењето на работата на македонските автори кои дејствуваат на нашата и на интернационалната уметничка сцена. Република Македонија досега има остварено девет претставувања на Венециското биенале започнувајќи од 1993 година со проектот на авторите Петре Николовски и Глигор Стефанов.