Општина Ресен реагира за укинувањето на фестивалот „Актерот на Европа“

Од:

Општина Ресен реагира на одлуката на Министерството за култура за недоделување финансиски средства за Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“.

„Во име на граѓаните на Општина Ресен и целиот преспански регион и во името на здружението на граѓани „Езеро без граници“, што веќе 16 години го организира Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, единствената меѓународна манифестација на бреговите на Преспанското Езеро, ја изразуваме длабоката разочараност од бруталната одлука со која оваа иманентна културна одредница на европеизацијата на Балканот е избришана од Министерството за култура на Република Македонија. Фестивалот прерасна во симбол во срцето на секој граѓанин од трите страни од езерото, на генерациите кои растеа во духот на мислата на Жан Моне, таткото на Европа:„ Да се гради Европа значи да се гради мир““, стои во реакцијата на градоначалникот Живко Гошаревски.

Во писмената реакција, тој потсетува на идејата за основање на фестивалот во 2003 година, по прогласувањето на Преспанското Езеро за меѓуграничен европски парк меѓу Македонија, Албанија и Грција од страна на Европскиот парламент.

„Група европски и балкански интелелктуалци, на чело со големиот француски писател и балканофил Жак Лакариер, покренаа иницијатива за основање интернационален театарски фестивал, што ќе ја валоризира индивидуалната театарска одисеја во колективната меморија на европскиот континент. Првото издание на фестивалот беше одбележано во многу медиуми низ цела Европа и првпат на Балканот еден фестивал започнуваше со книжевните бисери од трите јазици на езерото, македонски, албански и грчки. Истото лето, во чест на стогодишнината од Крушевската Република, прва на Балканот, која траеше само 10 дена, како прв облик на европеизација на Балканот, Жак Лакариер го објави во париски „Фигаро“ својот текст „Илјадници вчера, но само едно утре“, што тој лично го прочита со поглед на Ангелот од Курбиново, а тој текст стана манифест на фестивалот“, појаснува Гошаревски.

Во овие 16 години, додава тој, 16 театарски легенди, од 16 европски држави заекогаш ги запишаа своите имиња во европската меморија на Преспа, почнувајќи од Љуба Тадиќ, бардот на балканското глумиште, преку митскиот актер на Питер Брук – Брус Мејерс од Лондон, Марсел Бозоне од Комеди Франсез, Ана Патерсон од Театарот Стрингберг од Стокхолм, легендараната дама на словенечкиот театар Милена Зупанчич, бесмртниот романски Хамлет – Јон Карамитру, грчката муза Криса Јоаниду, класикот на албанската актерска историја Димитри Орготска и првенката на Народниот театар од Софија Снежина Петрова.

„Во богатата хронологија на овој интернационален фестивал прикажани се над 150 претстави од скоро сите европски земји, за кои претседателот на меѓународната асоцијација на театаролози Жорж Бани, професор на Сорбона, напиша во театарското списание Европа денес: „Додека гледате како се слеваат класичното и модерното, во Преспа присуствувате на повторното раѓање на Европа“, стои во реакцијата на градоначалникот.

Добитник на наградата за животно дело „Актерка на Европа“ минатата година беше Селма Алиспахиќ од Босна и Херцеговина, а наградата за најдобро уметничко остварување од натпреварувачкоит дел на фестивалот му припадна на Васили Лаерти, за оригиналното дело „Пеколот на Агамемнон“ од Исмаил Кадаре, што ја играше на трите јазици на Езерото.

Би можело да ве интересира

Отпад во Министерството за култура

Васко Маглешов

Порамнување на платите во културата по завршување на изборите

(ВИДЕО) Ласкова: Како советник се грижам за широката слика во културата, проектите се во надлежност на комисиите

Предраг Петровиќ

Министерство за култура: Ќе се менува начинот на финансирање на проектите

Сандра Бошковска

Кумановскиот музеј годинава ќе реализира 23 проекти

По средбата на Заев со Адеми ќе се знае дали ќе се поништи дел од конкурсот на Министерството за култура