Во салонот на Националната опера и балет (НОБ) во четврток, 30 септември, премиерно ќе биде прикажана оперската претстава „Палјачи“ од Руџето Леонкавало.
Подготовките за претставата се на самиот крај, а како што изјави на денешната прес-конференција директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов, премиера на оваа претстава последен пат била изведена на 27 февруари 2001 година. Последната претстава пак, се прикажувала на 10 април 2010 година.
Диригентката Бисера Чадловска претставата „Палјачи“ ја чувствува како своја, а е исклучително тешка претстава, која претставува сплет на многу различни сцени но и емотивни моменти.
-Среќна сум што повторно ќе ја поставиме на нашата сцена „Палјачи“. Јас ја замислив оваа претстава да се постави уште пред да си ја дадам оставката како уметнички раководител и среќна сум што Операта не се откажа од оваа идеја. Не се промени тимот кој планирав да ја работи претставата, така да сум задоволна и ја чувствувам како своја со самото тоа што замислив да биде по овој состав, но и со тоа што претходните последни претстави ги диригирав јас самата, пред 12 години, рече Чадловска.
Таа на прес-конференцијата напомена дека претставата иако е предизвик, сепак е една од поомилените со оглед на тоа што ја сака и публиката, и како што рече, сите се среќни што таа повторно ќе биде вратена на сцената.
Режисерот Дејан Прошев е задоволен од соработката со целиот авторски тим и солистичката екипа, а посебно е радосен што повторно се враќаат на операта во вид како што прилега. Иако ќе се внимава на мерките и протоколите, сепак учесниците на сцената ќе бидат во костими.
За сценографката Илина Ангеловска да се работи на оваа претстава претставува еден голем предизвик, но и едно прекрасно искуство, и се надева дека во иднина ќе бидат отворени вратите за понатамошна соработка.
-Благодарност до целиот тим кој работеше на оваа сценографија, на сите технички екипи и уметнички екипи кои помогнаа во реализацијата. Се одеше навистина беспрекорно, тоа е една група на фантастични професионалци кои успееа мојата замисла да ја пренесат на сцена, рече Ангеловска на прес-конференција.
Костимографот Никола Булески рече дека костимите веќе се завршени, а костимографијата е направена во однос на историскиот период.
-Ова е еден многу интересен период од мојот живот. Возбуден сум бидејќи работам со поинаков тим, сите си ја вршат работата беспрекорно добро, додаде Булески.
Тој напомена дека дел од костимите се направени од материјали кои се веќе постоечки во театарот, дел се рециклирани и од материјали кои што постоеле во магацинот. Целта е поголема еко-свест, бидејќи како што рече, влегуваме во една една фаза на одржливост, што во иднина ќе стане една од најважните работи.
Во претставата ќе учествуваат солистите Ѓорѓи Цуцковски, Дешира Ахмети – Крлиу, Горан Начевски, Дејан Стоев и Ристе Велков.
-Да се постави оваа драма не е лесно. Кратка е, е но има многу за таа минутажа да се даде од сите нас, посебно оние солистите на крај, последното заокружување што мора да се покаже на сцената, рече на прес-конференцијата Дешира Ахмети – Крлиу, која го толкува ликот на Неда.
Ѓорѓи Цуцковски, кој го толкувам ликот на Канио рече дека возбудата е огромна, затоа што поради пандемијата, подолг период не подготвувале премиера.
-Чинам дека единствено јас од сите колеги солисти дебатирам во оваа насловна улога, која што претставува еден врвен престиж во тенорскиот оперски фах. Возбудата е огромна, затоа што долг период не сме подготвувале премиера, а од друга страна ликот на Канио бара сериозна вокална интерпретација и голема драматарушка посветеност, додаде Цуцковски на денешната прес-конференција.