Операта ја отвора новата сезона со музика од Вагнер

Од:

Македонската опера вечер ќе ја отвори сезоната 2013/2014 со оперски концертот „Ова е Вагнер“ со кој ќе одбележи 200 години од раѓањето на германскиот композитор Рихард Вагнер (1813-1883).

Солистите Весна Ѓиновска-Илкова, Благица Поп Томова, Борис Трајанов, Игор Дурловски и Ѓорѓи Цуцковски ќе изведат арии, увертири, хорски и оркестарски делници од оперите: „Мајстори пејачи од Нирнберг“; „Танхојзер“, „Парсифал“, „Тристан и Изолда“ и „Залезот на боговите“ (четвртиот дел од тетралогијата „Прстенот на Нибелунзите“). Хорот и Оркестарот на МОБ ќе ги води диригентот Оливер Балабурски.

Генералниот директор на Македонската опера и балет Дејан Прошев на прес-конференција рече дека концертот ќе биде увертира за македонската публика да се навикне на стилот на овој композитор и да биде подготвена кога Операта во иднина ќе постави цела опера на Вагнер.
Диригентот Оливер Балабурски посочи дека идејата е од поодамна, подвлекувајќи дека Вагнер е не многу често изведуван во светот, освен во Германија и во поголеми оперски куќи и од големи оркестри. Тоа се должи на неговата комплексност од оркестрациски и логистички аспект.

– Поради тие карактеристики Вагнер е релативно ретко изведуван автор кој бара сериозен ангажман и подготовка зад сцената. МОБ е се позрела да навлезе во вакви води и ова е добар начин Рихард Вагнер да и се претстави на публиката. Вагнер е еден од најголемите романтичари, но со некои дела навлегува во 20 век и е претходник на новата генерација композитори. Наметнува нов хармонски јазик, а неговата музика им овозможува на ансамблите да го дадат максимумот, истакна Балабурски, кој за себе рече дека е подготвен и зрел за композитор каков што е Вагнер.

Игор Дурловски досега трипати во Германија толкувал улоги во дела од Вагнер. Ова лето настапил во „Кралот на самовилите“ на фестивалот во Бајројт, кој е посветен на оперите на Вагнер и основан од самиот композитор. Македонскиот бас на прес-конференција истакна дека е среќен што четвртиот настап ќе го има во МОБ и се надева дека Операта наскоро ќе постави и цела опера од Вагнер. Вечер ќе настапи во аријата на hанс Закс од операта „Мајстори пејачи од Нирнберг“.

Сопранистката Благица Поп Томова ќе ја изведе аријата на Елизабета од операта „Танхојзер“, а Весна Ѓиновска-Илкова – увертира и љубовната смрт на Изолда од операта „Тристан и Изолда“. Тенорот Ѓорѓи Цуцковски ќе настапи во финалето од операта „Парсифал“, а баритонот Борис Трајанов ќе изведе арија на Волфрам од операта „Танхојзер“

Двесте години од раѓањето на Вагнер годинава се одбележуваат низ светските оперски сцени, а Македонската опера и балет се придружува кон глобалното чествување. Тоа го практикува и за други автори, па така во март годинава Операта прослави и два века од раѓањето на Џузепе Верди, со премиера на „Атила“. За двајцата мајстори на операта МОБ на 19 октомври ќе организира и меѓународна конференција „Верди-Вагнер – Погледнете кон минатото за да зачекорите напред“.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Италијанското оперско пеење доби статус на културно наследство на УНЕСКО

Предраг Петровиќ

Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини во Национална опера и балет

Предраг Петровиќ

Успешен настап на Националната опера и балет во Народниот театар во Белград со „Севилскиот берберин“

Ана Ололовска

Традиционален Гала оперски концерт по повод празникот „Василица“ 2023

Ана Ололовска

„Палјачи“ од Руџеро Леонкавало во Национална опера и балет

Во Националната опера и балет ќе се изведе операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи

Горан Наумовски