Друштвото на писателите на Македонија денеска ја одбележа 85-годишнината од раѓањето на истакнатиот македонски писател и академик Анте Поповски.
На средбата беа промовирани избраните дела – есеи на Анте за кои зборуваше професорката Кристина Николовска, а фрагменти од есеистичкиот опус на Поповски читаше актерката Софија Гогова.
– Тука во писателскиот дом, како потомци на Анте, денес јавно говориме за неговиот есеистички опус. И на денот и на вистината им кажуваме дека се исправаме пред грандиозен опус од планини трезори, опус кој низ децении зреел, рече Николовска.
Со неговите есеи, потенцира таа, Поповски направил голема мисија во неколку литературни, културолошки, филозофски и историски области но и длабоки мисии во нашата свест и совест. Антеовата есеистика, додаде Николовска, се разгранува и расте во неколку тематски доминанти и е бескрајно раскошна.
Во чест на промоцијата на есеите и 85 години од раѓањето на Поповски, синот на Анте, Жорж Поповски, на Друштвото на писатели на Македонија подари неколку книги од избраните дела.
Анте Поповски (1931 – 2003) со својот богат и разновиден творечки опус остави длабоки траги во една цела епоха од развојот на македонската литература. Неговите поетски книги „Одблесоци“, „Вардар“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Сина песна“, „Света песна“ и „Две тишини“ одбележуваат еден од врвовите на македонското поетско творештво.
Анте Поповски беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1956 година. Во еден мандат беше претседател на македонската писателска асоцијација.