„Од кујната на Масин“ – изложба во галеријата „Акантус“

Од:

Педесетина уметнички дела – слики и скулптури од уметникот Мирослав Масин се претставени на изложба во галеријата „Акантус“. Насловена е „Од кујната на Масин“ и ќе биде отворена од утре до 4 мај.

Повеќето од сликите се изработени во минатите години, една е од 2019-та зашто авторот планира наесен поголема изложба со нови дела. За оваа изложба е подготвен и каталог во кој авторот на воведниот текст, Тихомир Јанчовски, наведува дека во огромен дел сликарството на Масин е апстрактно и поради тоа не е податливо за прецизни толкувања.

Покрај врамените слики на платно, изложени се и осликани предмети – музички инструменти (тамбури, мандолини, гитари, контрабас..), чинии, ќупови, стоечки часовник… затоа што познатиот сликар, кој создава во ателјето во својот дом, вели дека секоја површина за него е поттик и предизвикувачки простор за потег со четка.

-Би ги насликал и оџаците на РЕК Битола, шеговито вели Масин, кој на изложбата ќе претстави и виолина и труба како скулптури-светилки. Пред утрешното отворање на изложбата во „Акантус“ тој рече дека е задоволен од амбиентот зашто посетителите ќе може да видат камерна поставка, „разбиена“ во неколку простории на галеријата и, како што рече, „ќе биде тоа мала групна изложба на Масин“.

Како слободен уметник истакна дека е веќе во години кога најмногу и пред сè го интересира самата уметност и тоа што го твори, дека не се занимава со трендовите и дали и колку бил институционално претставуван во ретроспективи.

-Јас сум го избрал овој пат. Штом не сум се обидел досега да сменам професија, значи уживам во сликарството. Кога сакаш да правиш некоја работа, ќе се насочиш таму и ќе се ангажираш да успее. Не е лесно да бидеш слободен, невработен сликар во ваква мала држава во која постојано има некои превирања. Не е лесно да опстоиш со работа која не е неопходна, зашто дома не мора секој да има слика. Тешко е кај нас, но и во Берлин или Њујорк не живеат многу лесно. Најважно ми е дека сум самиот задоволен со себе во своето ателје и да комуницирам со публиката, рече Масин.

Дијана Томиќ-Радевска од галеријата „Акантус“ рече дека имаат идеја за изложби во кои ќе го претстават творештвото на колеги кои, како што рече, не биле поканувани или третирани сериозно во институциите. Пред сè, рече, сакаат изложбата да го задоволи самиот автор и да заинтересира публика што ќе може и да купи, покрај тоа што ќе ужива во неговите дела.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

Изложба „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска во Битола

„Уживање“ – изложба на Марта Патлиџанковска и Лусиана Ампева во Галерија МКЦ

А1он

Во галеријата КО-РА отворени изложбите на Петра Јовановска и на Рафаел Ристовски