Со претставата „Вашето кралство“ на трупата Форте компани од Унгарија, во режија на Чаба Хорват на 21 септември официјално ќе биде отворен 41. меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“ (МОТ).
Фестивалот ќе се одржува до 27 септември, во организација на Младински културен центар, а под покровителство на Град Скопје и Министерството за култура на Република Македонија.
Генералниот менаџер Златко Стевковски на денешната прес-конференција информира дека во пресрет на фестивалот, во рамки на МОТ+ програмата, вечер од 19 часот до 27 септември во холот на МКЦ ќе биде отворена изложбата на фотографии и постери на еден од најистакнатите македонски фотографи Љупчо Илиевски. Изложбата вклучува фотографии со театарска тематика, направени во периодот од 1984 до 1996 година, од изданијата и репертоарите на МОТ.
Стевковски информира дека за 24 септември е предвидена промоција на книгата „Рапсодија за театарот“ од Французинот Ален Бадју кој, како што рече, е еден од најголемите живи филозофи во Европа и светот. Најави дека првпат во Македонија доаѓа и театарскиот режисер Томас Остермаер.
Извршниот продуцент Русе Арсов ја презентира програмата. Од утре до 19 септември во џепното кино на МКЦ ќе има програма „Шекспир на филм“, што се реализира во соработка со Британскиот совет во Скопје. Влезниците се бесплатни и обезбеден е превод.
На репертоарот на фестивалот се претставите „Ние, европските лешеви“ на Словенско младинско гледалишче и театарски перформанс „Државата“ на Александар Мануилоф од Бугарија, „Офф-Надминување од границите“ на театарот „Ујвидеки Синхаз“ од Нови Сад.
Во рамки на Македонскиот ден ќе има танц претстава „Без наслов“ на Скопје танцов театар. Ќе настапат и Државниот театар од Приштина со „Коските што доаѓаат доцна“, во режија на Мартин Кочовски. Посетителите ќе ги погледнат и „Мртовецот доаѓа по љубената“ на Прешерновиот театар од Крањ, „Случајот Хармс“ на Театарот Комедија во режија на Дино Мустафиќ, „Мртва точка“ во режија на Раду Африм…
На прес-конференцијата присуствуваше и дел од екипа на претставата „Догвил“ во режија на Кокан Младеновиќ, на Миксер Хаус од Белград. Тоа е театарската адаптација на истоимениот филм на Ларс фон Трир. Играат Бранислав Трифуновиќ, Милица Мајсторовиќ и Милица Јаневски, а композитор е Марко Грубиќ.
Режисерот Младеновиќ посочи дека со „Догвил“ неколку пати настапиле во Словенија, Хрватска, БиХ и Црна Гора и оти со Македонија ја завршуваат својата југословенска турнеја.