Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес деновиве го објави вториот том на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“.
Енциклопедиското издание е објавено со поддршка на Министерството за култура, а автор е стрип-хроничарот и сценарист Александар Стеванов од Штип. Тој воедно се потпишува и како негов графички уредник.
-Продолжувајќи ја иницијативата за прибележување на домашното стрип-творештво и издаваштво, во книгата Стеванов го обработува периодот 2000 – 2007. А, наспроти мнението за домашната деветта уметност како непостоечка, во неа по хронолошки редослед се опфатени над 200 одредници поврзани со македонскиот стрип: публикации, изложби, работилници, фестивали, соопшти денеска Стрип центарот.
Оттаму посочуваат дека за да се избегне сувопарност на материјалот, во публикацијата се пренесени стотина цитати и мноштво илустрации. За олеснување на работата на некои идни истражувачи, на нејзините последни страници уредно се поместени ендноти кои реферираат кон други изданија (весници, списанија, книги, каталози) и мрежни места, како и регистар на најчесто користените термини.
-Исто како и претходниот том, кој го опфаќаше периодот 1990 – 1999, и овој е со формат А4 и има 60 страници печатени во боја. Илустрацијата од насловната страница на изданието е фрагмент од стрип изработен од уметникот Синиша Цветковски. До крајот на годината, во авторство на Стеванов се очекува да излезе уште една публикација посветена на македонскиот стрип, информира Стрип центарот.