Новини за 30-тиот јубилеј на Фолк-фест Валандово

Од:

Фестивалот на новосоздадена народна песна Фолк-фест Валандово  годинава ќе се одржува првпат наесен и во целосно реновирана сала во Домот на културата. Триесет нови композиции ќе бидат изведени во две полуфинални вечери на 16-ти и 17 октомври, а 20 од нив ќе се пласираат во финалето на 18 октомври.

Новина е што се избрани од селекциска комисија на конкурс и првпат ќе бидат изведени во живо со Народниот оркестар на Македонската радио-телевизија.

Министерстото за култура првпат, покрај Општината Валандово,  е покровител на фестивалот, како и на другите три фестивали за нови народни односно забавни композиции (Скопски фестивал, Макфест и Цветници), со цел да се  стимулира продукција на нови песни и да се подобри  квалитетот, за што беше донесен и Закон за поддршка на музичката продукција.

И на овој фестивал ќе бидат доделени прва награда од 20.000 евра, втора од 10.000 и трета од 5.000 евра, како и награди за најдобар сценски настап, за најдобар дебитант и за најзаслужни за промоција на фестивалот.

Министерството за култура, исто така, инвестираше 15 милиони денари од вкупно 24 милиони за целосна реконструкција на салата, во која интензивно се работи и треба да биде готова до октомври. Салата ќе има 700 седишта и ложи и сцена по светски стандарди. Сцената за самиот фестивал, пак, ќе биде со современи перформанси, видео ефекти и ново озвучување.

За работите на терен денеска беше информирана и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која ја посети општината и салата што се реконструира.

На прес-конференција со градоначалникот на Валандово Николче Чурлиновски истакна дека ваква инвестиција заслужува најстариот македонски фестивал на новосоздадена народна песна.

– Овој фестивал веќе 30 години ја негува македонската музичка традиција и го афирмира новосоздаденото македонско музичко творештво. Навистина е настан од исклучително значење, бидејќи преку него многу генерации ги осознаа вредностите на македонскиот музички мелос. Преку фестивалот нашата народна музичка ризница се збогати со композиции кои и денеска се актуелни и на кои сите ние со посебно задоволство се сеќаваме, рече министерката Канческа Милевска.

Градоначалникот Чурлиновски истакна дека Фолк-фест е бренд на Валандово кој со новата сцена ќе биде на уште повисоко ново. Соопшти и дека за јубилејот на најстариот фолк фестивал во Македонија, кој непрекинато постои од 1985 година, ќе биде објавена монографија и цедиња.

Директорот и уметничкиот директор на Фолк-фест Валандово, Младен Костадинов  и  Орце Гелевски, истакнаа дека прават се во организацискиот и во музичкиот дел за да го вратат сјајот на фестивалот.

Стручна комисија оваа година од пристигнати  околу 60 композции избра 15, а останатите 15 се нарачани од Советот на  фестивалот. Годинава ќе има познати изведувачи и дебитанти, а за нивниот влез во финалето  гледачите ќе гласаат преку телевоутинг. Ќе се пренесува директно на МРТ и на сателитскиот канал. За јубилејот ќе има и ревијален дел со хитовите од минатите изданија, за што се поканети и изведувачите од соседни земји кои  имале песна-хит на Фолк фест Валандово.

Фестивалот кој до лани се одржуваше во мај, од наредната година редовно ќе се одржува во септември.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ